Skip to main content

Уапсен човек во Солун кој за четири дена намерно предизвикал шест пожари

МИА

Од саботата до вчера, 59-годишен маж во солунското предградие Синдос намерно предизвикал шест пожари и е уапсен и изведен пред јавен обвинител, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од противпожарната служба на Грција, од Дирекцијата за справување со кривични дела поврзани со подметнување пожари во рамките на нивната истрага го уапсиле 59-горишниот Грк, кој се товари за намерно и повторено подметнување пожари.

Истрагата покажала дека уапсениот движејќи се со неговото возило предизвикал вкупно шест пожари во сува трева, трски и земјоделски површини во подрачјето на Синдос.

Едниот пожар избувнал во саботата при што изгореле околу два хектари земјоделска површина, а вториот следниот ден со изгорен околу 1,5 хектари, додека пак вчера, 59-годишниот се чини дека предизвикал уште четири пожари во истата област.

Заменик – портпаролот на противпожарната служба на Грција Јанис Артопиос за државната телевизија ЕРТ објасни дека од почетокот на годинава било уапсено 281 лице за предизвикување пожари, а околу 90 отсто од случаите се однесуваат предизвикување пожар од невнимание.(МИА)

Поврзани вести