
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, порача дека овој датум ја симболизира гордоста на македонскиот народ и жртвата што била поднесена за слободата и државноста.
– Единаесетти октомври е денот кога со гордост се поклонуваме пред храброста на оние што се кренаа против фашизмот, решени да се изборат за слободна Македонија – посочува Ѓорѓиевски во честитката објавена на социјалните мрежи.
Тој истакнува дека предците имале храброст да застанат на вистинската страна на историјата и верувале во слободата и правото на македонскиот народ да има своја држава.
-За тој идеал ги положија своите животи, оставајќи ни аманет да ја чуваме татковината и да продолжиме да ја градиме – посочува скопскиот градоначалник.
Според него, почитта кон нивното дело денес се покажува преку одговорност кон сегашноста и посветеност за подобар живот на граѓаните.
-Со секое чесно дело, со секоја храбра одлука и со секој чекор кон подобар живот за нашите граѓани, даваме свој придонес во големата приказна за Македонија – вели Ѓорѓиевски.
Тој нагласува дека предизвиците треба да се надминуваат со единство и заедничка визија.
-Предизвици имало и ќе има. Да ги пречекаме сплотени, со решителност и со верба во она што можеме да го постигнеме заедно – порачува Ѓорѓиевски.
Во честитката, скопскиот градоначалник истакнува дека идните поколенија треба да ја знаат вистината за борбата и жртвата на претходниците, но и да наследат држава во која ќе живеат достоинствено и гордо.

Македонски


