Skip to main content

Светот го осуди нападот врз аеродромот во Ријад во кој загинаа 12 лица

Фото: Принтскрин

Најмалку 12 лица загинаа, а 309 беа повредени во вчерашниот напад врз аеродромот во Ријад. Тоа е најсмртоносниот напад во Саудиска Арабија во последните повеќе од десет години.

Воената коалиција предводена од Саудиска Арабија, која го поддржува меѓународно признатото владејачко раководство на Јемен, ги обвини бунтовниците Хути, поддржани од Иран, за нападот и го оцени како „воено злосторство“, на кое, како што најави, ќе одговори „решително“.

По нападот следеа реакции од речиси целиот свет.

САД

„Она што се случи во Саудиска Арабија е неприфатливо“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп пред новинарите. Тој рече дека ќе разговара со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, кој е фактички лидер на кралството.
Велика Британија

Британскиот министер за одбрана Вес Стритинг ја осуди „опасната ескалација“, оценувајќи дека таа е дел од сè поизразениот тренд Хутите да напаѓаат цивилни објекти во Саудиска Арабија.
„Ова е целосно одвратен чин и една од причините поради кои Обединетото Кралство ѝ дава поддршка на Саудиска Арабија (…)“, додаде тој.

Франција

Француското Министерство за надворешни работи најостро го осуди „одвратниот напад“ на Хутите врз меѓународниот аеродром во Ријад.

„Париз ја потврдува целосната солидарност со Саудиска Арабија и продолжува да стои покрај неа во одбраната на нејзината територија и инфраструктура“, се наведува во соопштението на француското министерство за надворешни работи.
Германија

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул го осуди нападот, оценувајќи го како „терористички чин против Саудиска Арабија и цивилното воздухопловство“, во објава на социјалната мрежа Икс.

Италија

Италијанската премиерка Џорџа Мелони најостро го осуди нападот и изрази солидарност со Саудиска Арабија и со семејствата на загинатите и повредените. Таа им посака брзо закрепнување на повредените.

„Нападите врз цивили и цивилната инфраструктура се неприфатливи и мора да престанат“, изјави Мелони. „Италија ќе продолжи да соработува со регионалните партнери за намалување на тензиите и за поттикнување на стабилноста и слободата на пловидбата во регионот“, се наведува во соопштението на италијанската премиерка.

Европска Унија

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја осуди „опасната ескалација“ и изрази загриженост поради „нападите што ги вршат вооружени групи поддржани од Иран“, кои, како што оцени, „го вовлекуваат регионот во спирала на насилство“.

„Тие ја дестабилизираат виталната инфраструктура за глобалниот транспорт и снабдувањето со енергија, предизвикувајќи потреси низ целиот свет“, наведе таа.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, исто така го осуди нападот, нарекувајќи го „ужасен терористички чин“.

Русија

Руското министерство за надворешни работи соопшти дека го осудува нападот врз аеродромот во Ријад.

„Ситуацијата на Блискиот Исток може да се реши само преку дипломатски средства, земајќи ги предвид интересите на сите земји во регионот“, соопшти министерството.

Обединети нации

„Длабоко сум потресен и најостро го осудувам смртоносниот напад што Хутите го извршија во саботата врз меѓународниот аеродром „Крал Калид“ во Ријад“, изјави генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
Обединети Арапски Емирати

Обединетите Арапски Емирати го осудија нападот како „грубо нарушување на суверенитетот“ на Саудиска Арабија и изразија „целосна солидарност“ со кралството, како и „поддршка за сите мерки“ насочени кон заштита на неговата безбедност.
Ова се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на ОАЕ.

Египет

Египетското Министерство за надворешни работи соопшти дека „најостро ги осудува овие бесрамни напади и неодговорни постапки, кои претставуваат грубо кршење на меѓународното право и очигледно непочитување на безбедноста на цивилите од различни националности“.
Во нападот загинала египетска стјуардеса.

Јордан

Во порака со сочувство до саудискиот крал Салман, јорданскиот крал Абдула Втори изрази „целосна солидарност“ на Јордан со „саудиските браќа“ и поддршка за „мерките што ги преземаат за да ја заштитат својата безбедност и да го зачуваат својот суверенитет“. Во нападот загина еден јордански државјанин, а четворица се повредени.

Ирак

Ирачката Влада соопшти дека нападот ја загрозува „регионалната безбедност и стабилност“ и повика на „целосно прекинување на воените операции“.

Пакистан

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф најостро го осуди нападот, оценувајќи го како „одвратен“.
„Нападите врз цивилите и виталната инфраструктура се целосно неприфатливи и претставуваат сериозна закана за регионалниот мир и стабилност“, напиша Шариф на социјалната мрежа Икс. 

Извор: МИА

Поврзани вести