
Септември беше вториот најтопол септември во историјата на мерењата на глобално ниво, со просечна температура од 16,27 степени Целзиусови, соопшти Службата на ЕУ за климатски промени „Коперник“ (Copernicus).
Минатиот месец, исто така, беше втор последователен месец годинава во кој глобалните температури ја надминаа границата од 1,5 степени Целзиусови над прединдустриското ниво, соопшти денеска „Коперник“.
За Западна Европа ова беше најтопол септември во историјата на мерењата, додека за Европа како целина беше трет најтопол.
Долготрајните сушни услови доведоа до рекордно низок водостој на реките во септември во делови од Рајна, Дунав, Висла и Гарона-Дордоња. Нискиот водостој на реките предизвика нарушувања во пловидбата, водоснабдувањето и земјоделството во повеќе земји, наведува „Коперник“.
Во меѓувреме, околу Антарктикот, површината на морскиот мраз го достигна својот трет најнизок годишен зимски максимум.
Директорот на „Коперник“, Карло Буонтемпо, изјави дека по екстремното лето, во делови од Европа повторно беа забележани „исклучително високи температури“.
Се наоѓаме во нова серија месеци над 1,5 степени Целзиусови, а со оглед на тоа што силниот феномен Ел Нињо сè уште се интензивира, веројатно е тоа да потрае и во 2027 година – рече тој.
Пробивањето на границата од 1,5 степени предвидена со Парискиот климатски договор беше „само прашање на време“, рече Буонтемпо.
Колку далеку ќе ја надминеме и колку долго ќе трае тоа, сè уште зависи од нас – нагласи тој.
Во 2015 година, 195 потписнички го усвоија правно обврзувачкиот Париски договор за климатски промени со цел да се ограничи глобалното затоплување на под 2 степени Целзиусови во споредба со прединдустриските нивоа, а идеално на 1,5 степени. (МИА)

Македонски


