ЕВРОПСКАТА УНИЈА ќе продолжи со својата досегашна политика кон регионот, што значи дека проширување – нема да има. Украина, најверојатно, никогаш нема да стане членка, ама ќе биде сѐ почеста тема. Со неа, и Грузија. Исто како и случајот со Турција. Ултиматумот за Македонија (Устав), ќе остане. Можеби ќе има обид, исклучок да се направи со прием на Црна Гора, за да се покаже дека процесот не е мртов.
Иако е тоа речиси невозможна мисија, може да се очекува жесток американски притисок и Албанија побрзо да напредува кон членството, како нивен стратегиски партнер на Балканот.
Процесот на проширувањето е, главно – завршен. Барем за следните 15-тина години. Клима за тоа – нема. Главен противник е Франција, со Макрон, ама ја следи и Германија. Пораката на канцеларот Шолц, дека сите шест кандидати од Балканот ќе бидат примени заедно, кажува сѐ. Косово не го признаваат пет членки, и неговиот прием е – невозможен.
Пред некоја година, анкетите покажуваа дека 62 проценти од Французите, и 61 процент од Германците се против проширувањето. Промена е можна – само на полошо. И, што мислите, некој политичар таму ќе работи на прием на нови членки? Сѐ по бројна во Унијата е и крајната десница. Таа и ќе расте а, генерално, е против проширувањето.
И, да не затвораме очи – Брисел веќе формира т. н. Втора лига! Нејзин симбол е Европската политичка заедница иако, токму за таа цел, измислена е и нова преговарачка рамка. На иницијатива на Макрон, Заедницата е создадена во 2022 година и веќе одржа пет самити. Членуваат сите од Унијата, кандидатите и сите други европски земји, вклучувајќи ја и Велика Британија, каде се одржа четвртиот самит со 46 држави, плус НАТО, ОБСЕ и Советот на Европа. Тоа е, всушност, Паневропски самит. Подиректен супститут за членството, навистина не може да се замисли! Кандидати, зошто сакате само во ЕУ? Еве ви ја цела Европа!
Паралелно, Фон Дер Лајен прецизираше и четири столбa – „за постепена интеграција на кандидатите“ – а) постепена интеграција во единствениот пазар; б) регионална економска интеграција; в) фундаментални реформи и г) поголема финансиска поддршка.
Веќе се одвоени шест милијарди евра за балканската шесторка, коишто ќе се делат според нивниот напредок во рамки на столбовите. Намерата е да се забрза нивниот економскиот развој, заради компатибилноста, ама е тоа цел достижна само со – децении.
Логично е прашањето – ако веќе се измисли нова преговарачка рамка, којашто е речиси несовладлива, зошто е потребна некаква нова Европска политичка заедница и нови столбови, ако не е тоа за некаква долгорочна утеха? Одговорот е едноставен – заедницата го супституира политичкиот дел од Унијата додека со четирите столба се апсолвира и економскиот дел. Ете ја замената за членство.
Унијата не крие дека додека внатрешно не се реформира, нови членки нема да има. Појасна порака не е можна. Кога и како ќе се договорат 27-те членки околу трансформацијата, може само да се претпоставува. Тоа е процес којшто може да трае со децении, и никогаш да не заврши. Разликите во интересите на членките се – огромни. Договор, пак, за прашања каков што е процесот на проширување – не е можен.
Ветото е една од главните пречки за ефикасноста на ЕУ. Добар дел од членките, не се спремни да се откажат од него. Само така можат помалите да ја контролираат доминацијата на главните и најголеми членки. Тоа директно важи и за проширувањето. Сѐ додека една членка има право да блокира – тоа ќе оди тешко. Доказ, случајот со Македонија.
Малку се познати условите кои се наметнуваат со новата преговарачка рамка а коишто, по многу што, се – неисполниви! Невозможни. Тие предвидуваат дека кандидатите треба да постигнат и ниво на економски развој, компатибилен со тој на членките. Разликите се огромни и, објективно, тоа не е можно да се постигне за помалку од 25 години, и тоа под услов кандидатите да се развиваат со годишни стапки повисоки од 5, 6, 7… проценти. Такви стапки нема и, најверојатно, никогаш нема да има никој од кандидатите! Тоа е крајот на приказната.
Бруто домашниот производ per capita (по жител) во Унијата е околу 44 илјади евра, а кај балканските кандидати е доста под 10 илјади. И, сѐ е јасно. Компатибилно би било ако се достигнат барем преку 25 илјади. Кога е можно тоа?
До сега, Унијата релативно лесно постигнуваше едногласност кога се работеше за суштинските оперативни прашања. Конфронтациите доаѓаа до израз обично кога беа потребни внатрешни реформи, каков што беше и несудениот устав, од Лисабон. Вето малку се користеше, со исклучок за Македонија.
Војната во Украина веќе има силно влијание и врз кохезијата во Унијата. Последиците се видливи кај Унгарија и Словачка, а веројатно ќе следат и други членки. Резултат на војната се и политичките кризи во Франција, и особено во Германија, двата мотори на Унијата. А, кога тие се во дефект, и таа – трокира.
Продолжувањето на војната во Украина ќе има сѐ позасилено влијание и врз функционирањето на Унијата. ЕУ е најголема колатерална штета од војната и последиците ќе бидат долготрајни. Растурени се традиционални канали на снабдување и трговија, коишто мошне тешко ќе се обновуваат.
Извозот на ЕУ во Русија, во 2021 година, изнесуваше 99,00, за да падне за околу 60 проценти во 2023 – на 38,00 милијарди евра. Во истиот период, рускиот извоз падна за 68 проценти, од 158,50 на 85,00 милијарди евра. Но, додека Русија извезуваше главно суровини и полупроизводи како енергенти, дрво, железо и челик и ѓубрива, увезуваше машини и опрема, возила, медикаменти и пластика.
Овие намалувања се сигурно уште поголеми во 2024. Заради нечии бесмислени политики, последиците од војната ги трпи целиот свет. Тие се глобални. Ова е само нова потврда за блескавата забелешка на Алберт Ајнштајн дека само вселената и глупоста (човекова!) се бескрајни. Сепак, тој додал дека за вселената и не е до крај сигурен!
Сега, Брисел многу почесто зборува за проширувањето, отколку што беше случај последните години. Свесни се дека целосно потфрлија на овој план и ги изневерија своите ветувања. Меѓутоа, не се работи за никаква промена на нивните намери и политики. Напротив. Тие создадоа сосема нова, практично непремостлива, основа на проширувањето и топката ја фрлија кај кандидатите.
Брисел ја отфрли својата вина и нѐ стави пред свршен чин – еве ви шанса да се докажете. Демек, тие се чисти и ние сме на потег. Со максимално затегнати критериуми, шансата е само теоретска бидејќи е недостижна. Од четирите столба, клучни се третиот за реформите, и вториот за регионалната соработка, а другите два се само за да нѐ утешат и залажат. А реформите се токму нашата главна слабост и пречка.
Претходникот на Фон Дер Лајен, Луксембуржанецот Жан-Клод Јункер, беше по коректен кога, на почетокот на својот мандат, во 2014 година, порача дека во петте години – нема да има проширување. Тогаш барем знаевме на што сме. Денес – не!
Брисел го чекаат и многу други проблеми и предизвици, во 2025. Војната во Украина останува клучна за многу што. Исклучително важно е прашањето на европската безбедност. Мора еднаш да се реши – дали ќе продолжи целосната зависност од САД, или ќе се бараат сопствени решенија? Договор е речиси невозможен. Поголемото производство на сопствено оружје е исто така предизвик, бидејќи САД се противат… Најавите за одвојување на пет проценти од БДП за одбрана, е неприфатливо за ЕУ.
Можноста, пак, САД да започне меѓусебна трговска војна преку царини, е повеќе од загрижувачка. Трговијата е главното оружје на Унијата. Во 2023, ЕУ извезе стоки во САД во износ од 502,3, а увезе 346,5 милијарди евра. САД имаа трговски дефицит од 155,8 милијарди. САД пак извезоа повеќе услуги и тоа 396,4, а увезоа 292,4 милијарди евра, со дефицит на Унијата од 104,0 милијарди. САД редовно имаат поголеми директни инвестиции во ЕУ. Ако овие односи бидат на некој начин доведени во прашање, цел свет ќе ја плаќа цената!
Најзагрижувачки е, сепак, фактот дека САД не сакаат силна туку Унија под директно нивно влијание, не само на безбедносен план. Брисел го толерира тоа веќе долго време. Тоа е лошо за Европа во целина, и нагласено за Македонија