Skip to main content
Елена Ристовска, историчар на уметност и дизајнер на накит

Историјата на уметност ме научи да гледам подлабоко

Како се спојуваат теоријата на уметноста и практичната креативност во едно уникатно парче накит? Одговорот го крие приказната на Елена Ристовска — историчар на уметност по професија, а дизајнер и изработувач на уникатен накит по вокација. Низ нејзините раце, благородните метали, камењата и формите добиваат нова димензија, носејќи со себе длабок естетски и историски код. Во ова интервју, со Елена разговараме за нејзината инспирација, процесот на рачна изработка, начинот на кој историјата на уметноста го обликува нејзиниот визуелен израз и предизвикот да се создаде безвременски орнамент во ера на масовно производство.

Иако денес е лесно да се каже дека некој изработува накит, всушност да се дизајнира накит значи спој на инженерство, скицирање, избор на материјали, моделирање и обликување на уметност која можеме да ја носиме.

Дизајнот на накит можеби е еден од најубедливите потврди на човековата историја, постојано делувајќи како огледало на културните, технолошките и општествените промени. Уште од праисторијата преку функционални амајлии направени од школки и коски, потоа софистицирани парчиња кои означувале статус во античките цивилизации како Египет, оваа уметност поминала низ различни стилски епохи. Тука е и сентименталната викторијанска ера, сложениот Арт Нуво и геометрискиот Арт Деко. Денес, современиот накит е одлика на современите трендови, додека личниот избор исто така говори за стилот и нивото на естетика на индивидуалецот. За среќа во Македонија се врати оваа гранка и многумина се занимаваат со изработка на накит, но само неколку се вистински дизајнери на накит.

Утре на 20 мај, во 19 часот во инспиративната галерија Руди Арт Спејс ќе се отвори изложбата на една токму таква, ретка дизајнерка на накит, Елена Ристовска под наслов „ДИВА ПОВРШИНА“.

Дизајнерката на накит Елена Ристовска, дипломиран историчар на уметност е позната на македонската сцена за дизајн на накит повеќе од 15 години, пред сè по софистицираниот стил, квалитетните материјали кои ги користи и оригиналните дизајни кои се современи и уникатни.

Покрај тоа што дизајнира накит, организира и едукативни работилници за дизајнирање накит за деца и возрасни.

Вашата најнова самостојна изложба е насловена „Дива површина“. Што Ве наведе да ја истражувате убавината на необработените, сирови материјали и масивните камења?

Постои еден момент кога ќе погледнете камен директно извлечен од земјата и ќе сфатите дека природата веќе направила нешто што не мора да се подобрува. Долго време работев со пополирани и подотерани форми, но со текот на времето сè повеќе ме привлекуваше искреноста на материјалот.

„Дива површина“ е мој обид да ја прифатам несовршеноста како убавина. Масивните камења, сировите текстури и неправилните површини не ги гледам како нешто недовршено, туку како нешто целосно. Во накитот често се очекува мазност, сјај и прецизност, а мене ме интересираше спротивното. Површина што е груба, жива, силна и автентична. Убавината не мора секогаш да биде питома.

Вашата диплома е од катедрата за Историја на уметност. Како ова теоретско знаење ја обликува Вашата визуелна естетика при практичната изработка на накит?

Историјата на уметност ме научи да гледам подлабоко. Не само во предметот што е пред мене, туку и во контекстот зад него. Зошто е создаден, за кого, во кое време и каква порака носи.

Кога работам накит, не размислувам само за формата како украс. Размислувам за композиција, симболика, пропорција, материјал и значење. Во главата секогаш постои една временска линија, од праисториски амајлии, преку египетски украси, до Арт Деко геометрии и современ дизајн.

Тоа знаење не ме ограничува, туку ми помага посвесно да создавам. Кога користам одредена форма, симбол или материјал, знам дека зад нив стои историја, значење и визуелна традиција. Но, не чувствувам потреба буквално да ги повторувам. Напротив, ги разбирам како основа од која можам да создадам нешто свое, современо и лично. Затоа, накитот за мене не е само украс, туку мал уметнички објект што се носи на себе.

Во колекциите како Mirror, tell me who I am? често го користите кругот како основна форма. Какво мистично или симболично значење има оваа геометрија за Вас?

Во оваа колекција не ме интересираше совршената геометрија, туку формата што личи како да се појавила природно, речиси како трага или одраз. Среброто има способност да ја фати светлината, но и да ја смени во зависност од аголот, движењето и телото што го носи. Токму тоа ми беше важно. Накитот да не биде само фиксен предмет, туку нешто што се менува со личноста.

Mirror, tell me who I am? за мене е прашање за идентитетот, но не на директен начин. Не станува збор за буквално огледало, туку за чувство на препознавање. Понекогаш едно парче накит може да каже нешто за нас што не го кажуваме со зборови. Затоа формите се помеки, неправилни и отворени за толкување.

Познато е дека ги владеете традиционалните филигрански техники, но создавате современ накит. Како успевате да направите баланс помеѓу старото занаетчиство и урбаниот дизајн?

Не го гледам тоа како судир меѓу старото и новото, туку како разговор. Филигранот е техника со голема прецизност, трпение и достоинство. Тоа е занает што бара дисциплина и почит кон деталот.

Но, не сакам да правам реплики на минатото. Мене ме интересира како таа рачна прецизност може да се пренесе во современ визуелен јазик. Формите, начинот на носење, односот со телото и со урбаниот простор се денешни.

Балансот се случува кога традицијата не ја диктира целата приказна, туку станува основа врз која се гради нешто ново. Сакам накитот да има корен, но да не изгледа како да припаѓа на некое друго време.

Престојувавте во Данска каде што учевте специфична обработка на кожа и стакло. Колку овие материјали го променија Вашиот пристап во однос на металот?

Многу. Тоа искуство ме натера поинаку да размислувам за материјалите. Металот има своја сила и отпор. Го загревате, го притискате, го обликувате и тој ви одговара на многу директен начин.

Кожата и стаклото имаат сосема поинаков карактер. Кожата е мека, органска и топла. Стаклото е кревко, светлосно и понекогаш непредвидливо. Со нив мора да слушате повеќе, а да наметнувате помалку.

Кога повторно се вратив на металот, почнав да го третирам со поголема почит кон неговата сопствена логика. Помалку како материјал што треба да го совладам, а повеќе како материјал со кој треба да соработувам. Тоа се чита и во парчињата.

Два пати по ред се претставивте на престижниот саем Autor International Jewelry Fair во Букурешт и се вративте со награда. Што значеше ова признание за Вашиот бренд на европската сцена?

Таквите претставувања се многу важни, особено кога доаѓате од помала сцена. На меѓународен саем веднаш гледате каде стоите, не само технички, туку и концептуално.

Букурешт е сцена со сериозна конкуренција и висок стандард, па признанието за мене беше потврда дека мојот јазик може да комуницира и надвор од локалниот контекст. Тоа ми даде храброст да продолжам во насоката во која одам, без да правам компромиси само за да бидам полесно разбрана.

За брендот тоа значеше поголема видливост, нови разговори и нови можности. Но наградата е важна само ако не ја изгубите причината поради која сте почнале да работите.

Изложувате во независни уметнички галерии како Rudi Art Space. Колку е важен изборот на просторот за целосно да се пренесе наративот и емоцијата на колекцијата?

Просторот е многу важен. Накитот е мал формат, но има силна интимна енергија. Затоа му треба простор што ќе му даде воздух, тишина и контекст.

Rudi Art Space е место каде што накитот може да се гледа како уметнички објект, а не само како предмет што се носи. За „Дива површина“ тоа ми беше особено важно, бидејќи колекцијата зборува за сурова, необработена убавина и за материјали кои имаат силно присуство.

Изборот на галеријата не е само организациска одлука. Тој е дел од уметничката одлука. Кога просторот е вистински, не ја објаснува колекцијата наместо вас, туку ѝ помага да се почувствува.

Покрај создавањето, Вие организирате и едукативни работилници за дизајнирање накит. Која е најважната лекција или вештина што сакате да им ја пренесете на Вашите ученици?

Најважно ми е да разберат дека накитот не започнува од материјалот, туку од идејата. Техниката се учи, алатите се совладуваат, но прво треба да се научи да се гледа.

И кај децата и кај возрасните често го гледам истиот страв, страв дека ќе направат нешто погрешно. Сакам тој страв да се намали. Грешката не е крај, туку дел од процесот. Металот може повторно да се обликува, жицата може повторно да се свитка, а идејата може да се развие.

На работилниците ми е важно учениците да почувствуваат дека со свои раце можат да создадат нешто лично. Не мора веднаш да биде совршено. Мора да биде нивно. Тоа чувство, дека можеш да создадеш предмет што има значење, е лекција што останува многу подолго од самата техника.

Разговараше: Невена Поповска

фото: приватна архива

Поврзани вести