
Друштвото на филмските работници на Македонија ја поздравува одлуката на Владата на Република Македонија, како и заложбите на Министерството за култура и туризам и Агенцијата за филм на Република Македонија, за усвојување на предлог-законот за игри на среќа и за забавните игри, кој влегува во Собраниска процедура, а со кој се предвидува Агенцијата за филм да добива 3% од уплатените давачки од игрите на среќа.
Ваквиот потег на Владата недвосмилено покажува голема поддршка и препознавање на успехот кој години наназад го постигнуваат македонските филмови и покажува силна решеност за поттикнување и зајакнување на развојот на филмската дејност во Македонија. Овој механизам ќе овозможи уште поголема и посистематизирана поддршка на домашната филмска продукција и меѓународните копродукции, исплата на заостанатите долгови, како и повторно отворање на конкурсите за пишување на сценарио, развој на проекти, пост-продукција, промоција и ТВ серии.
Ние филмаџиите, после многу години борба и апелирање за состојбите во дејноста, за прв пат чувствуваме дека нашата работа е видена и препознаена, а нашиот глас слушнат од страна на државата, за што сме благодарни.
Друштвото на филмските работници на Македонија останува на располагање на Агенцијата за филм и сите останати државни институции за соработка и стручна консултација за понатамошен развој на филмската дејност.

Македонски

