Skip to main content

Приказнта за љубовта, надежта и разочарувањето „Мадам Батерфлај“ на 20 мај на 54. Мајски оперски вечери


Во рамките на 54. издание на престижниот меѓународен фестивал „Мајски оперски вечери“ на 20 мај со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе операта „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини – едно од најемотивните и најизведуваните дела на светскиот оперски репертоар. Станува збор за музичка драма со силна човечка приказна, во која љубовта, надежта и предавството се испреплетуваат во трагична судбина.

Диригент на претставата е гостинот од Грција, Мирон Михаилидис, а режијата ја потпишува Александар Текелиев (Бугарија). Сценографијата е на Живојин Трајановиќ, костимографијата ја изработи Лира Грабул, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ

Во насловната улога – Чо Чо Сан (Мадам Батерфлај) настапува гостинката од Италија, Доната Д’Анунцио Ломбарди, во улогата на Пинкертон – Хектор Лопез (Мексико), а во улогата на Шарплес – Енрико Маручи (Италија). Во останатите улоги настапуваат: Марика Поповиќ, Исмет Вејсели, Невен Силјановски, Јане Дунимаглоски, Соња Пендовска Мадевска, Валентина Димитриевска, Марко Димовски, Марко Гапо, Дарко Станојловски, Борко Биџовски, Филип Мирчевски, Никола Чедомировски, Шинаси Рамдан и Васко Здравков, заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

„Мадам Батерфлај“ е опера за безусловната љубов и за кревката надеж што опстојува и покрај разочарувањето. Пучини во ова дело маестрално ги спојува западните музички традиции со ориентални мотиви, создавајќи партитура исполнета со лирска нежност и драматичен набој. Неговата посветеност на силна и трогателна приказна се чувствува во секоја музичка линија, правејќи ја оваа опера една од најемотивните во оперската литература.

Поврзани вести