Skip to main content

Бесплатна тура „Женското наследство во Центар“ на 17 мај

Бесплатна едукативна тура на тема „Женското наследство во Центар”, ќе се одржи утре, на 17 мај, со почеток во 12:00 часот, кај фонтаната „Лотосов цвет” во Градскиот парк.

Водич ќе биде историчарката по уметност и кустос Бојана Јанева, а фокусот е ставен на локации и обележја поврзани со улогата на жените во обликувањето на културниот и општествениот идентитет на градот.

Прошетката ќе опфати посета на неколку клучни споменици, каде учесниците ќе имаат можност да слушнат приказни и историски факти, меѓу кои и онаа за партизанката Вера Јоциќ, за Споменикот на ослободителите на Скопје, Паркот „Жена Борец” и др.

За сите што ќе се придружат на овој настан, обезбедени се пијалок и ужина, а ќе им бидат доделени и симболични сувенири.

Едукативната програма „Центарски прошетки” е дел од Програмата за култура на Општина Центар за 2026 година, со цел поголема информираност и приближување на културното наследство до граѓаните.

Поврзани вести