Skip to main content

Експертско предавање на Економскиот факултет: Иновациите треба да се научат да се менаџираат и управуваат

Фото: Freepik

Иновациите претставуваат процеси и не ни се потребни само повеќе иновации, туку треба да научиме како истите да ги менаџираме и управуваме. ​Беше кажано дека тоа е главната цел на денешните тренинг и обука на Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, на проф. Џон Бесант, еден од водечките светски експерти во областа на иновациите, претприемништвото и управувањето со иновациските процеси. Бесант е почесен професор на Универзитетот во Ексетер, Велика Британија и коавтор на книгите „Managing innovation“ и „Innovation and entrepreneurship“, кои се меѓу познатите академски и стручни изданија во овие области.

Предавањето на Бесант беше отворено за алумни-заедницата на факултетот, претставници на бизнис-секторот, студенти, истражувачи, но и за сите заинтересирани за иновациите и претприемништвото. Со повеќе од четири децении академско и практично искуство, неговото гостување претставува можност за запознавање со современите пристапи и перспективи во развојот на иновациите, како и нивната улога во унапредувањето на развојот и конкурентноста на организациите.

Бесант во изјава за медиумите се осврна и на неговата главна порака до младите во врска со иновациите.

– Иновациите се многу значајни за денешното општествено и економско живеење, посебно за младите. Во време кога живееме со високо, динамично и турбулентно опкружување, две работи треба да се дискутираат. Едната е да се разберат промените, односно да се разберат како настануваат и како се менаџираат промените. Втората работа е да се размислува во насока на одговорна иновација, односно во делот на одржливост и општествена одговорност. Каква е нашата улога во делот на општеството и во делот на иновациите – изјави Бесант.

Настанот се реализираше во рамките на европскиот проект USE IPM – „Надградување на вештините на истражувачите за одржливо претприемништво засновано на менаџмент на иновацискиот процес“ (Up-skilling Researchers for Sustainable Entrepreneurship Based on Innovation Process Management), финансиран од Европската Унија преку програмата Horizon Europe – WIDERA, во кој Економскиот факултет – Скопје учествува како партнер.

Главната цел на проектот е развој на истражувачките, иновациските и претприемачките капацитети, поттикнување одржливо претприемништво и создавање посилни врски меѓу академската заедница, деловниот сектор и младите во Западен Балкан.

На започнувањето на програмата му претходеше подолг период на интензивна работа и подготовка, во кој активно беа вклучени професори, истражувачи и други членови на кадарот на Економскиот факултет – Скопје. Преку меѓународна размена на знаење и искуства, истражувања, соработка со европските партнери и идентификување на реалните потреби на компаниите и младите, тие придонесоа за креирањето на програмата и нејзиното приспособување на потребите на македонската економија.

Со гостувањето на проф. Бесант се означи и почетокот на петмесечна програма за обуки во областа на управувањето со иновациските процеси, која обединува повеќе од 25 компании, над 60 вработени и над 80 студенти. Преку интерактивни обуки, менторство и практична работа, студентите и вработените, со поддршка од универзитетските професори, ќе работат на конкретни организациски предизвици и ќе развиваат иновативни решенија со потенцијал за практична примена.

Програмата претставува конкретен модел за градење мостови меѓу академијата, бизнисот и младите, во кој универзитетот не е само извор на знаење, туку активен партнер во создавањето иновации, развојот на компетенции и унапредувањето на конкурентноста на компаниите. Истовремено, на студентите им се овозможува да учат преку реални деловни предизвици, да развиваат претприемачки начин на размислување и да стекнуваат компетенции релевантни за современиот пазар на труд.

– Денес никогаш не сме зборувале повеќе за иновации, никогаш не сме имале повеќе знаење, технологии и можности, а сепак претворањето на идеите во вистински промени останува голем предизвик. Универзитетите се полни со знаење, компаниите со предизвици, а младите со идеи. Но, колку често овие три света навистина се среќаваат? Токму затоа веруваме дека вистинската вредност на знаењето не е само во она што го знаеме, туку во она што сме способни да го промениме со него – истакна проф. д-р Александра Јанеска – Илиев од Економскиот факултет – Скопје.

Оваа иницијатива е истовремено дел од пошироките стратешки заложби на Економскиот факултет – Скопје за интернационализација, унапредување на квалитетот на образованието, зајакнување на соработката со деловниот сектор и развој на општествено релевантни истражувања. Беше кажано дека овие заложби се во согласност со принципите и стандардите на меѓународната AACSB акредитација, кон чие стекнување Факултетот активно се стреми.

Преку проектот USE IPM и ваквите меѓународни иницијативи, како што беше посочено, Економскиот факултет – Скопје ја потврдува својата улога како активен креатор на нови модели на учење, трансфер на знаење и соработка меѓу академијата и стопанството. Целта е создавање отворен и динамичен иновациски екосистем што ги поврзува истражувачите, студентите, компаниите и институциите, но и сите оние кои имаат идеи, иницијатива и желба да создаваат вистинска вредност за економијата и општеството.

Поврзани вести