Skip to main content

Млади, иновации и дијаспора во фокусот на „Brains Beyond Borders“ во Скопје

Во Скопје се одржа настанот „Brains Beyond Borders: Млади, Иновации и Технологија“, кој обедини млади лидери, претприемачи, претставници на институции, академската заедница, технолошкиот сектор и македонската дијаспора во дискусија за иднината на Македонија во дигиталната ера. Настанот беше организиран од страна на Обединета Македонска Дијаспора (ОМД), преку младинската иницијатива Gen M, во соработка со Startup Club Skopje.

Настанот беше отворен со воведно обраќање на проф. д-р Димитар Трајанов, кој говореше за важноста на следната деценија за дигиталната трансформација на Македонија и потребата од стратешки инвестиции во знаење, технологии и човечки капитал. На настанот учествуваа истакнати претставници од академската заедница, институциите, бизнис секторот и граѓанското општество, меѓу кои и д-р Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Гордана Клинчарова од Министерството за дигитална трансформација, Александар Стамболиев од Акцелератор УКИМ, Моника Ризовска Таневска од Women in Tech Macedonia, Димитар Каљошевски од World University Service – German Committee, како и млади претприемачи и креатори кои успешно ја претставуваат новата генерација македонски таленти.

„Може ли Македонија да се натпреварува во AI економијата?“, учесниците разговараа за влијанието на вештачката интелигенција врз економијата, образованието и пазарот на труд, како и за можностите Македонија да се позиционира како конкурентен играч во новата дигитална економија. Дел од дискусијата беше посветена на создавање можности за задржување на младите во Македонија и развој на локални технолошки капацитети. Се нагласи потребата од посилно поврзување на младите со претприемачкиот екосистем, подобра поддршка за талентите и поактивно вклучување на дијаспората како партнер во развојот на знаењето, менторството и пристапот до глобалните пазари.

Особено внимание привлече дискисијата на тема „Бранот на таленти: Каде се движи следната генерација на Македонија?“, каде успешни млади професионалци, претприемачи и креатори на содржини разговараа за улогата на вмрежувањето, претприемништвото, личниот развој и вештачката интелигенција во градењето на идните кариери. Дискусијата испрати силна порака дека младите во Македонија располагаат со знаење, амбиција и потенцијал да создаваат глобално конкурентни проекти, доколку добијат соодветна поддршка и можности за развој.

Преку отворен дијалог и размена на искуства, „Brains Beyond Borders“ ја потврди важноста на соработката помеѓу младите, институциите, приватниот сектор и дијаспората во создавањето на поиновативна, дигитално подготвена и конкурентна Македонија. Настанот е дел од заложбите на Обединета Македонска Дијаспора и Gen M за зајакнување на младинското лидерство, поттикнување на иновациите и создавање мостови помеѓу Македонија и македонската дијаспора ширум светот.

Поврзани вести