
Започнува подготовката за затворање на нестандардната депонија „Буково“, откако е завршена постапката за избор на проектант кој ќе ја изработи потребната техничка документација. Во меѓувреме, се одвиваат и активностите за изградба на претоварна станица кај Мауцкер и собирен центар во Охрид. Целиот регионален систем за управување со отпад, вклучително и центарот во Новаци, се очекува да биде функционален во 2030 година, пренесува МКД.мк.
Ова беше истакнато на денешната средба во Општина Охрид, на која се разговараше за новиот Регионален план за управување со отпад и воспоставувањето интегриран систем за Југозападниот и Пелагонискиот плански регион.
Општинскиот секретар Александар Китески информира дека за изградба на собирниот центар е определена локација на улицата „Железничка“, за која веќе е експроприрано земјиштето. Во предлог-буџетот за следната година се предвидени и средства за измена на урбанистичкиот план.
„Очекуваме во текот на следната година да биде завршена проектната документација за депонијата „Буково“. Таа ќе ги даде насоките за потребните финансиски средства, фазите и временскиот период за нејзино затворање“, рече Китески.
Раководителот на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“, Емил Ангелов, посочи дека е изработен шестгодишен плански документ со проценета финансиска рамка од 45,5 милиони евра, од кои повеќе од 30 милиони евра веќе се обезбедени.
„Очекуваме претоварните станици и регионалниот центар за управување со отпад да бидат функционални во текот на 2030 година. Останува да се зајакнат капацитетите на комуналните претпријатија, но и да се обезбеди активно учество на граѓаните“, истакна Ангелов.
Планот предвидува изградба на регионална инфраструктура, подобрување на селекцијата и собирањето на отпадот, затворање на 16 нестандардни депонии и диви ѓубришта, како и зајакнување на институционалните капацитети и комуникацијата со граѓаните.
Со регионалниот систем ќе бидат опфатени сите 18 општини од Југозападниот и Пелагонискиот плански регион. Тие ќе користат заеднички регионален центар за управување со отпад во Новаци, претоварни станици и општински собирни центри.

Македонски




