Skip to main content

МСУ водич и матине со Бојана Јанева на 17 октомври на пладне

Во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје во сабота, на 17 октомври, во 12 часот ќе се одржи „МСУ водич и матине“ со кустосот Бојана Јанева која ќе ги прошета посетителите низ трите отворени изложби во Музејот. Прошетката е проследена со музички избор на Дарко Марковски.

Посетителите ќе имаат можност да ја погледат ретроспективната изложба на Благоја Маневски која го претставува неговиот творечки пат од 1985 година до 2025 година – пат обележан со постојана промена, истражување и храбро поместување на границите меѓу сликарството, објектот, инсталацијата, фотографијата, цртежот, амбиентот и хепенингот. Куратори се: Лилјана Неделковска, Натали Рајчиновска-Павлеска, Координатор на проектот: Благоја Варошанец.

Втората изложба е „Пикасо: Сликата на Музејот“, избор на дела од колекцијата на МСУ – Скопје.
Со текот на времето некои дела стануваат повеќе од само предмети во музејската колекција, туку тие се нејзини препознатливи знаци. Таков статус во историјата на Музејот на современата уметност – Скопје има делото „Глава на жена“(1963) од Пабло Пикасо. Насликана во период кога Пикасо веќе е централна фигура на европската и светската модерна уметност, оваа слика во Скопје добива и поинаква, локална историја. Таа не е само дело од музејската колекција, туку и еден од визуелните симболи преку кои колекцијата, музејот и неговата специфична историја стануваат видливи пред јавноста.
Куратори: Благоја Варошанец, Владимир Јанчевски и Ива Димовски

Третата изложба е „Солидарноста како иднина“. На изложбата се претставени значајни дела од постојаната колекција на Музејот на современата уметност – Скопје, од француски, македонски и европски автори, меѓу кои Пјер Сула́ж, Виктор Вазарели и Никола Мартиноски, како и други значајни уметници.
Куратори: Благоја Варошанец, Владимир Јанчевски и Ива Димовски.

Влезница за настанот чини 150 денари.

Поврзани вести