
Новите драмски текстови „Сингл“ од Катерина Момева, „Трудници“ од Габриела Стојаноска Станоеска и „Летај Исак, не застанувај“ од Мартин Миљев се избрани од жирито на пичинг-форумот „Драмолетање 2.0.“ што се реализира во рамките на 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Тие се избрани меѓу 13-те пристигнати на конкурсот што беше распишан во октомври минатата година. Наградените автори ќе учествуваат на пичинг-форумот што ќе се одржи за време на 60. јубилејно издание на фестивалот, од 5 до 12 јуни 2026 во Прилеп. Нивните драми ќе бидат објавени и во електронско издание „Драмолетање 2.0“.
Текстовите ги оценуваше жири во состав: м-р Милош Б. Андоновски – театарски режисер и наставник, Русе Арсов – продуцент и програмски директор на МОТ, Јасмина Василева – актерка и магистер по културолошки студии. Релевантност, оригиналност и продукциска вредност беа трите зададени параметри за оценување на пристигнатите текстови.
Ви го споделуваме нивното образложение во целина:
-Разгледаните драмски текстови во целина покажуваат интерес за општествено релевантни прашања, но најчесто остануваат на ниво на иницијална идеја, без доволна драматуршка разработка и јасна авторска артикулација. На формално ниво се забележува изразена нерамнотежа: речиси и да не постои „средина“ во однос на обемот, туку текстовите се движат помеѓу две крајности – или се исклучително кратки или претерано обемни, со разгранети листи на ликови. Кај кратките драми, проблемот произлегува од недоволно развиениот материјал кој тешко може да издржи целовечерна сценска форма, особено кога кусоста не е јасно дефинирана како свесен авторски избор. Повеќе би можеле да функционираат како една сцена што би била дел од подолга драма со фрагментарна драматургија отколку сами по себе. Од друга страна, драмите со обемен, речиси епски карактер отвораат прашања за нивната продукциска изводливост и драматуршка оправданост, имајќи ја предвид современата театарска естетика која тежнее кон компактност, економичност и редуциран број на ликови.
Во повеќе случаи очигледен е сценаристичкиот пристап кон драмскиот текст, при што сценската стварност е конципирана повеќе преку филмскиот јазик отколку со театарскиот. Овој пристап резултира со текстови што повеќе раскажуваат отколку што дејствуваат, односно не се потпираат на драмско дејствие; застапени се и ненадејни промени во сценскиот простор или описи на просторот со филмска деталност (цели градови, фабрики со машини и сл.); што ги прави непрактични за сценска реализација.
Од содржински и драматуршки аспект, најизразени слабости се забележуваат во баналноста и недоразвиеноста на дијалогот, стереотипната карактеризација на ликовите, како и во отсуството на јасно структурирано драмско дејство и изграден конфликт. Значителен дел од текстовите се движат во рамките на веќе исцрпени модели, без нивна доволно оригинална трансформација, што оддава впечаток на постојано повторување на веќе видени и одиграни теми, ситуации и драматуршки решенија. Недостигот на современ критички контекст е особено видлив кај текстови што третираат историски или општествени теми од секојдневието, а притоа потенцијалот за подлабока интерпретација останува неискористен.
Особено загрижува фактот што ваквиот пристап е присутен и кај помлади автори, што индиректно упатува на поширок проблем во контекст на театарските практики, присутни на репертоарите на театарските или образовните институции, кои често претпочитаат повторување наместо истражување и развој.
Како дополнителна заедничка карактеристика кај најголем дел од текстовите се издвојува недоволното владеење со македонскиот литературен јазик и правописните норми, што влијае врз нивната јасност, прецизност и севкупен квалитет.
Општиот впечаток е дека постои потенцијал кај дел од текстовите, но тој бара понатамошно развивање преку континуирана работа, менторство и вклучување во драматуршки процеси и работилници. Надминувањето на почетните и често клиширани решенија подразбира поинтензивно критичко читање, запознавање со современите светски текови во драматургијата, експериментирање со формата и појасно профилирање на авторската позиција во однос на темите што се обработуваат.
Како општа забелешка во однос на пичинг-форумот „Драмолетање“, Комисијата смета дека потенцијалот на самата програма не е доволно искористен во насока на развој и поддршка на нови драмски автори. Особено се наметнува потребата од воведување повеќедневни работилници и континуирани менторски процеси со релевантни стручни лица од областа.
Сметаме дека ваквиот пристап би овозможил посуштинска драматуршка доработка и развој на текстовите уште во нивната работна фаза, пред тие да бидат претставени пред јавноста и вклучени во пичинг-процесите за нивна презентација и промоција. На тој начин би се создале услови за поквалитетни и поцврсто артикулирани драмски дела, би се поттикнало пошироко вклучување на нови автори, а самите автори би добиле посоодветна подготовка за професионално и уверливо претставување на своите дела пред продуценти, режисери, директори на театри, издавачи и други релевантни чинители од театарскиот сектор.
Во рамките на селекцијата се издвојуваат и мал број текстови што покажуваат драматуршка вештина, структурна кохерентност и автентичен сценски јазик. Овие примери имаат потенцијал за развој на современ драмски израз кој успева да комбинира допадливост и општествена критика, па дури и комерцијална вредност.
„Сингл“ од Катерина Момева
Овој текст конечно воспоставува јасна драмска форма и структура. Во споредба со другите, покажува поразвиена свест за драматургија и сценска функција на дијалогот.
Дејството се одвива линеарно и доследно ја развива приказната. Ликовите се повеќеслојни и дефинирани. Дијалогот е современ, секојдневен, но не е банален, забавен е и духовит. Овој текст има исклучителна продукциска вредност бидејќи, од една страна, игра во доменот на комерцијалното и допадливото, а од друга страна, дозирано, но итро и јасно ја подметнува општествената критика.
„Трудници“ од Габриела Стојаноска Станоеска
Станува збор за веќе објавен текст кој никогаш не бил поставен на театарските сцени и со тоа ги исполнува условите за учество на овој конкурс.
Текстот „Трудници“ отвора многу значајни и чувствителни теми. Особено се интересни јазичната и гласовната слоевитост: различните регистри (дијалектен, литературен, внатрешен монолог) јасно ги обележуваат различните нивоа на реалност и психолошка состојба на ликот. Првиот дел покажува постдрамски пристап со постепен и логичен развој. Иако се допираат теми како женска солидарност, акушерско насилство, здравствениот систем и патријархалното опкружување, критичкиот став останува ограничен и недоволно јасен.
Tекстот бара понатамошна драматуршка разработка, особено во делот на водењето и бројноста на ликовите.
„Летај Исак, не застанувај“ од Мартин Миљев
Иако текстот во сегашната форма остава впечаток на недовршеност и недоволна разработеност, тој отвора тема со јасен современ и драмски потенцијал. Драмското дејство се развива пребрзо, без доволно мотивирани пресврти и подлабоко градење на конфликтите, а недостига и поцврста драматуршка структура што би водела кон поизразена кулминација.
Поради релевантноста на темата што ја отвора, потенцијалот за подлабока разработка на ликовите и автентичната поетичност во изразот, текстот остава простор за понатамошен развој во рамките на драматуршки работилници.
Пичинг-форумот „Драмолетање 2.0.“ е замислен како простор за афирмација на нови автори и современи драмски текстови и е посветен на развивање на македонската современа драма и поврзување на авторите со театарските институции и продукции.

Македонски

