
Да се направи селекција за 60-годишниот јубилеј е еден од доминантните предизвици на подготовките на овогодишниот фестивал. Како театролог, писателка и, пред сè, како вљубеник во театарот, оваа сезона за мене беше една од најпредизвикувачките за селекцијата на претставите. Од изгледаните педесет и четири претстави во македонските институционални театри и независната продукција, како главна одлика се гледа дека доминираат мал број режисерски имиња, квазикомедии кои треба да ни покажат дека публиката доаѓа во театар од една причина, како и препрочити на одамна веќе излитени драми. Недостига поголем простор за македонската драма, независно дали е современа или не, а особено претстави кои сериозно би ја поставиле македонската драма во современ контекст. Иако на репертоарите на театрите имаше македонски драми, сепак, недостигаше современ ракопис кој треба да покаже како треба да изгледа денешната современа драма кај нас, а истовремено некои од претставите работени според македонските драми не беа на соодветно ниво во однос на актуелниот театарски контекст.
За мене, современиот театар денес треба да има став и коментар на состојбата во која се наоѓаме, треба гласно и јасно да ги детектира аномалиите на општеството и да покажува сериозна професионалност. Од она што го видов на македонските театарски сцени, има одлични примери во независната продукција и ретки исклучоци во институционалната продукција. Затоа концептот за ова издание го подредив на тематот – „кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“. Оваа селекција покажува дека има актери кои некако логично доаѓаат до своите претстави и доминираат во нив. Станува збор за неколку избрани актерски креации кои вреди да бидат презентирани.
Кога дојдов на ова место, решив четвртата година од мојот мандат да биде како и светлите примери од минатото, со селекција на претстави работени според македонски драми, но наспроти моите желби и тенденции, тоа нема да се случи поради понудената слика во македонските театарски институции.

Во официјална селекција се избрани претставите (подредени се по азбучен ред од насловот на претставата):
- „Амадеус“ од Петер Шефер во режија на Андреј Цветановски, продукција на Турски театар – Скопје.
Прикажувањето на човечките фрустрации, просечноста наспроти генијалноста и предизвиците да се постави сето тоа во контекст на општествениот подем и распад го има направено Петер Шефер во „Амадеус“ на едно мошне впечатливо ниво што секоја нова изведба бара од режисерот и негов коментар во однос на современиот општествено-политички контекст. Провокативните теми и современиот пристап во однос на развивањето на драмското дејство од Шефер создаваат автор кој постојано треба да се поставува, особено во особено значајни времиња, кога кризата на духот станува криза на општеството.
Андреј Цветановски со ансамблот на Турскиот театар од Скопје создава прочит на драмата воден од актерските потенцијали, посебно од двоецот Јеткин Сезаир како Амадеус и Селпин Керим како Салиери. Сметам дека има претстави кои си ги бараат своите актери и актери кои креативно растат сè додека не ја најдат својата претстава. Такви има неколку во годинешнава селекција и оваа е една од нив. Решен да ја отслика суровата слика на конфликтот кој е повеќе интимен отколку надворешен, Андреј Цветановски создава претстава во која актерите доминираат наспроти целиот сценски и аудиовизуелен контекст. Сметам дека „Амадеус“ е претстава која треба да се игра постојано, како сведоштво, како парадигма и на уметноста и на (не)човечноста.
- „Едмонд“ од Дејвид Мамет, во режија на Оливер Мицевски, продукција на Народен театар – Битола
„Едмонд“ е претстава за една ноќ во животот на Едмонд Бурк прикажана во 23 кратки сцени со препознатливиот остар јазик на еден од најдобрите современи американски, но и светски драмски автори – Дејвид Мамет. Она што ја прави посебна оваа драма се не само кратките рафални реплики на авторот, прикажани во контекст на кризата на современиот човек, туку и режисерската постапка на Оливер Мицевски, кој решава да ја изгради претставата врз доминантната актерска естетика на Огнен Дранговски. Едмонд е човек кој една ноќ остава сè што знае во својот живот и решава дека треба да исчекори надвор од конвенциите. Тој сосема наивно, но никако невино, си игра со концептот на слобода и како бумеранг му се враќа сето она што смета дека му стои на патот. Во оваа продукција на Народниот театар од Битола имаме можност да видиме современ и актуелен прочит на драмата на Мамет, која барем за миг донесува автентична театарска приказна на македонските сцени.
- „Ивона принцезата на Бургунд“, од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска, продукција на Театар Комедија – Скопје
Во гротескниот свет на Гомбрович постојано се преплетува кризата на човекот, поточно кризата на општеството. Неговиот глас е секогаш насочен кон истакнувањето на аномалиите во општеството под замаглениот привид на она што ни се чини непроменливо. Власта, општеството и човекот наспроти нив се дел и од оваа пиеса, која во светските театарски параметри се чита како авторовата пресметка и со сопственото театарско наследство, но и со системот воопшто. Во режисерската визија на Билјана Радиноска, „Ивона принцезата на Бургунд“ е исчистена од сите украси и додатоци и е поставена отворено пред нас покажувајќи ни како една случајност води кон уништување, како една заслепеност од власт води кон деструкција на нешто постојно и комплексно. Можеби токму ваквата и оваа визија треба да е поткрепена со актерската игра, за која ансамблот на Театар Комедија треба и да е подготвен. Сметав дека во духот на годинешниот концепт на селекцијата, оваа е една од претставите што говорат директно и за односот на нашиот театар кон овој вид драматургија.
- „Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Народен театар – Куманово
Од сите претстави во оваа селекција, „Калигула“ е најрепрезентативниот пример на актерот што ја наоѓа својата претстава и претставата што го наоѓа својот актер. Марко Трајковиќ како да го живее својот „Калигула“ низ својата кариера доаѓајќи до моментот да го покаже и на сцена. Во режисерскиот ракопис на Ѓорѓи Ризески, изборот на драмата на познатиот француски писател Албер Ками, која е напишана како своевидно предупредување на човештвото, што ќе се случи ако оставиме да поминат грешките на системот неказнето, е логична последица на неговата перманентна грижа за својот однос кон театарот. Оваа претстава покажува уште една важна постапка, дека театарот во Куманово има и ансамбл и однос кон современиот театарски контекст кој треба да продолжи да го развива. Сепак, ова е претстава за еден актер и за сите други актери што ги креираат своите ролји во таа непосредна комуникација на сцената. Визуелниот израз на Ризески ни покажува една доминантна, груба, силна авторска естетика која отвора низа прашања за односот на авторитетот во времето на криза и за односот на општеството кон суровиот поединец.
- „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Драмски театар – Скопје.
Како општество и култура не знам дали сме подготвени да правиме рециклажа на култната драма „Диво месо“ на Горан Стефановски. Но, ако се поставиме во позиција на театарот како коментар или предупредување на некои општествени неприлики, може да ја искористиме како почетен текст од кој би се развила некоја сосема поразлична приказна. Режисерот Дејан Пројковски ја користи драмата на Венко Андоновски како база врз која ја поставува својата приказна за идеологијата и отпорот, за бунтот и полтронството, за сегашноста овде и насекаде. Актерската изведба е дел од големата слика на режисерското читање на Пројковски. За мене, актерската игра прикажана во оваа претстава, во мрежата знаци на сите театарски чинители, ја гради игривата слика на дистописката естетика која треба да нè вознемири и предупреди. Претставата кореспондира со овогодишниот концепт, македонска драма, однос на човекот кон општеството и приказ на кризата и на човекот и на општеството.
- „Носорози“ од Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев, продукција на Албански театар – Скопје
„Носорози“ е парадигматски пример на светската театарска практика за односот на човекот во општествениот систем загрозен од конформизмот и недоволниот отпор кон секој обид за уништување. Напишана од страна на еден од најзначајните автори на театарот на апсурдот, оваа драма ни покажува со сите алатки на антидрамата дека човекот и кризата на општеството, кога се поставени надвор од поставените морални координати, стануваат дел од хипокризијата и дека со јазикот на апсурдот ја менуваат комплетно својата форма. Во јазикот на Јонеско нема логика, нема причинско-последични односи, има само неприкосновени факти кои ја кажуваат вистината на еден редок директен начин. Во режијата на гостинот од Бугарија, Васил Василев, оваа претстава станува изместена форма во која актерите ја покажуваат својата игра на еден едноставен начин, оставајќи ѝ на драмата гласно да ја говори побуната против манипулацијата, хистеријата и себезалажувањето.
- „Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар – Штип
Ивана Ангеловска е една од ретките македонски режисерки што континуирано и суптилно, комплетно непретенциозно ја градат својата театарска поетика. Нејзините режии се исклучително чисти и со став кој е искажан ненаметливо, но низ процес на сериозно театарско истражување. Затоа сметам дека е многу важно што во оваа селекција влегува нејзиното читање на денес култната драма на истакнатиот италијански нобеловец Дарио Фо – „Случајната смрт на еден анархист“. Работена врз вистински настан, напишана на препознатливиот јазик на Фо полн со сатира и директен и остар хумор, оваа претстава е одличен приказ на манипулацијата во општествен контекст, на протестот на еден човек кон тиранијата на системот, но и можност актерски да се покаже дека не е секоја сатира смешна колку што може да е доминантна за истражување на сопствениот актерски ракопис. Во претходно споменатиот аспект на оваа селекција, за актерот во потрага по својата претстава, може да се каже дека се евидентира и изведбата на Ефтим Трајчов Ѓаурски во главната улога, покажувајќи ја неговата доминантна актерска поетика.
- „Страв и надеж“ по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје
Франц Ксавер Крец со драмата „Страв и надеж“ во ДР Германија создава немилосрдна слика на германското општество во периодот кога е напишана, 1984 г. Директен, бескомпромисен, суров во приказот на реалноста, Крец со оваа драма ги мапира конкретните општествени аномалии, особено проблемот со невработеноста и социјалните разлики. Гостинката режисерка Татјана Мандиќ Ригонат во Македонскиот народен театар поставува линеарен преглед на сите етапни сцени во ова обемно дело на Крец, кое го адаптира во конкретен современ актуелен македонски контекст „зачинувајќи го“ со брехтијанскиот тип на сонгови кои ја коментираат нашата реалност. Претставата е фокусирана на хиперреалистичниот приказ на конкретните семејни, лични и општествени кризи и преку сценографијата и преку изведбата на сонговите во живо, но и преку актерската игра. Во оваа претстава актерите се вмрежани во текстурата на претставата во својот автопоетичен пристап.
- „Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп
Во процесот на селекција за ова издание на фестивалот најмногу се двоумев за оваа претстава. Иако начелно станува збор за идеален кандидат за овој концепт, особено ако се познава мојата интенција да доминира македонската драма во оваа година на јубилејот, сепак, ја мислев најмногу од сите во овој избор. Она што ја става во таква позиција е режисерското читање на македонскиот театарски класик. Во режисерската визија на Пројковски, Луков станува олицетворение на експресивното насилство, од кое страдаат сите, а не само тие што треба. Најмногу вознемирува начинот на кој современиот контекст станува дел од ова неверојатно моќно драмско дело. Кога се поставува на сцена „Црнила“, секогаш треба да се има предвид дека во оваа драма важно е убиството на идолот, исто колку и убиството на идеалот.
- „Челинџ“, автор и режија Јане Спасиќ, Театар за деца и младинци – Скопје
Секоја нова општествена промена придонесува за промена и на односот на децата кон светот во кој живеат. Современото време во кое децата и младите луѓе се изложени на притисокот од социјалните мрежи, постигнувањата што не се реални или силната допаминска трка за „лајкови“ е сето она што е провокација на една актуелна театарска претстава. Авторот и режисер Јане Спасиќ решава заедно со ансамблот на Театарот за деца и младинци да се занимава со една од современите општествени аномалии и истовремено да го прикаже односот деца/млади луѓе-возрасни и тоа без нималку да го „филува“, ниту да го „ублажи“. Една навидум обична екскурзија прикажува неколку важни теми во тој однос на кој ниту еден од нас не треба да остане имун.
Во придружна програма се избрани претставите (подредени по азбучен ред на насловот на претставата):
- „Вилицата на Ибен Бајерс“ од Филип Грујиќ во режија на Борис Василевски, продукција на „Штрих“ – Скопје
Некогаш во светот на уметностите страдањето на човековата душа може да се прикаже и низ призмата на оние што таа криза и ја почнуваат, а не низ призмата на жртвите. Кризата на човекот Ибен Бајерс ја предизвикува и кризата во општеството во овој современ драмски текст на Филип Грујиќ, кој го режира Борис Василевски и ја покажува на директен начин, не само како предупредување, туку и како соочување со последиците на сопствените постапки. Режирана како своевиден коментар кој постдрамски го третира не само театарот, туку и општеството во тој театар, оваа претстава е соодветен аргумент на годинешната селекција и покажува дека барем кај нас, во Македонија, независната продукција знае да создаде современ театар.
- „Драга Јелена Сергеевна“ од Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак, копродукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје и Македонскиот народен театар – Скопје
Шенај Мандак е најавтентичната режисерка во денешниот театарски контекст. Освен оваа претстава, би сакала да ја споменам и претставата „Без иднина“, работена според драмата на Ведекинд – „Будење на пролетта“, во продукција на Албанскиот театар за деца и млади. Нејзиниот режисерски ракопис секогаш оди надвор од комфорната зона и во истражување на границите и нивно поместување. „Драга Јелена Сергеевна“ е нејзина магистерска претстава по театарска режија во која таа препознатливиот текст на Разумовскаја го носи на уште повисоко ниво, истражувајќи го низ режисерските постулати на еден од најзначајните светски режисери Мејерхољд. Во контекст на годинешниот концепт на селекцијата, сметам дека најдобро може да се покаже кризата на човекот во општеството преку младите луѓе и нивните конфликти наспроти возрасните.
- „Невиност“ од Деа Лоер, дипломска претстава на класата по актерска игра, под менторство на проф. м-р Зоја Бузалковска и вонр. проф. м-р Александар Степанулески
Дипломската претстава на оваа генерација студенти по актерска игра на професорката Зоја Бузалковска, „Невиност“, прикажува криза на општеството преку криза на секој од ликовите во петте приказни. Напишана е како своевиден коментар на современиот свет преку аномалиите како тероризам, насилство, конфликт, случајност и избор. Претставата, поточно младите актери во претставата покажуваат како се игра на еден современ начин во контекст на режисерската поставеност и на кој начин современиот драмски материјал е предизвик за секој млад човек.
- „Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, театар „Златен елец“
Денешното општество изобилува со насилство и нечовечност, кои во овој актуелен драмски текст се покажани и низ патеките што водат до конечниот резултат. Корозијата на општествените вредности во режијата на Тамара Стојаноска станува директен и конкретен знак. Ова е, исто така, претстава која конкретно го покажува и мојот концепт за селекција – човекот во системот и сите кризи низ кои тој поминува, а тие кризи потоа стануваат дел и од него. Истовремено ни го прикажува истиот човек и како џелат, и како жртва, и како херој, и како губитник. Затоа сметам дека е важно да се види дека театарот ги има алатките за соочување со сите човекови предизвици, а ние како општество и култура треба да ја прифатиме одговорноста и да се обидеме да бидеме човечни, емпатични и посветени.
Проф. д-р Ана Стојаноска, театролог и писателка

Македонски




