
Денес во Скопје, во организација на Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид, а со поддршка на Европската Унија, беше одржан свечен настан на кој претседателите и претставниците на подмладоците на политичките партии ја потпишаа Декларацијата за
европски вредности, демократска култура и општествена кохезија.
Настанот, организиран по повод Денот и Месецот на Европа, претставува значаен јавен чин со кој младите политички лидери потврдија дека европските вредности, демократската култура, достоинствениот јавен говор, општествената кохезија и одговорноста остануваат суштински
важни за развојот на Република Македонија.
Со потпишувањето на Декларацијата беше испратена силна порака дека подмладоците на политичките партии имаат значајна улога во обликувањето на политичката култура во државата. Тие не се само дел од внатрепартиските структури, туку важен демократски простор во кој се
развиваат новите генерации политички лидери, се гради односот кон јавниот интерес и се создаваат вредносните основи на идниот политички живот во земјата.
Овој настан покажа дека младите политички генерации можат да препознаат заедничка вредносна основа и да дадат јавен придонес кон еден политички простор што ќе биде достоинствен, одговорен и соодветен на европските стандарди. Во време кога јавноста очекува повеќе зрелост, повеќе почитување и повеќе доверба, ваквиот заеднички чин има особено значење и за политичкиот живот и за општеството во целина.
Во рамки на настанот беше истакнато дека европската иднина на државата не се мери само преку формални процеси, туку и преку квалитетот на јавниот говор, преку односот кон различностите, преку капацитетот за дијалог и преку подготвеноста младите политички актери да ја градат демократијата со чувство за одговорност и заедничко добро.
Извршната директорка на Институт Охрид, Билјана Јанева, нагласи дека значењето на овој настан е токму во тоа што младите политички лидери јавно преземаат одговорност за вредностите врз кои треба да се темели иднината на државата.
„Подмладоците на политичките партии имаат огромно значење за демократскиот развој на државата, затоа што токму во нив се обликуваат новите генерации политички лидери, јавниот говор на иднината и политичката култура што ќе ја носи земјата понатаму. За Институт Охрид, денешниот настан е силна потврда дека младите политички генерации имаат капацитет, зрелост и свест да дадат заеднички придонес кон демократска и европска Република Македонија“ – истакна таа.
Раководителот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Стефан Худолин, ја нагласи важноста на вложувањето во младите и во нивната демократска улога- „Европските вредности живеат тогаш кога се препознаваат како заедничка основа за јавниот живот, за политичкиот дијалог и за одговорното лидерство. Токму затоа е значајно што младите политички лидери денес испраќаат порака за зрелост, кохезија и посветеност кон вредностите што ја водат Европа напред.“
Извршната директорка на Граѓанскиот ресурсен центар, Валентина Величковска, истакна дека ваквите иницијативи имаат поширока општествена вредност- „Посебната вредност на денешниот настан е во тоа што младите луѓе од различни политички средини избираат јавно да застанат зад вредности што ја зајакнуваат довербата, културата на почитување и демократската одговорност. Тоа е важна порака и за институциите, и за јавноста и
за сите млади во државата.“
Со Декларацијата, потписниците ја потврдија својата посветеност на достоинството на човекот, слободата, демократијата, еднаквоста, правдата, владеењето на правото, солидарноста, почитувањето на различностите, политичкиот дијалог и општествената кохезија. Воедно, тие јасно осудија говор на омраза, понижување, исклучување и секој облик на јавна комуникација што го нарушува достоинството на човекот и ја ослабува довербата во демократскиот живот.
Институт Охрид ја гледа оваа иницијатива како важен придонес кон јакнењето на политичкиот дијалог меѓу младите, кон развојот на демократската култура и кон создавањето простор во кој младите политички генерации ќе можат сè појасно да ја преземаат својата улога во обликувањето на иднината на Република Македонија.

Македонски


