Skip to main content

Потребни се нови стандарди во градежништвото, вели деканот на Градежниот факултет, по инцидентот во Општина Центар

Деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Јосиф Јосифовски, изјави дека вчерашниот инцидент во општина Центар, каде што при ископ на градежна јама настанало свлечиште на земјата, е сериозен сигнал за потребата од нови прописи и стандарди во градежништвото.

Ние сме техничка професија, која е регулирана, што значи дека постојат јасни правила и стандарди за тоа како треба да се однесуваме, како да градиме и како да проектираме. Меѓутоа, и покрај тоа, се случуваат случаи како неодамнешниот – повторно затрупување градежна јама, што е краен сигнал дека мора да се преземат сериозни мерки – изјави Јосифовски пред настанот „Од Амфитеатар до реализација – од студент до менаџер“.

Според него, постојните правила не се доволни за да се спречат вакви ризици.

Според моето лично убедување, а и по консултацијата со градоначалникот утринава, неопходно е да се пропишат нови процедури и стандарди, кои ќе обезбедат спречување вакви појави во иднина. За среќа, овој пат немаме човечки жртви, но имаме материјална штета и опасност од проширување на проблемот, со можност за оштетување на соседните објекти – рече тој.

Тој додаде дека по консултацијата со градоначалникот и инспекторот, договорено е Градежниот факултет да излезе на терен и да направи процена за опасноста врз соседните објекти.

Она што беше договорено во разговорот со градоначалникот и инспекторот е дека најбргу што може Градежниот факултет ќе излезе на терен за да направи процена за опасноста врз соседните објекти и да предложи мерки и понатамошни чекори за интервенција, односно санација – дополни тој.

Поврзани вести