Skip to main content

Зошто Филипче сака да ги исполни бугарските услови

Ако се вратиме малку наназад, за СДСМ не е новост да ветува решенија за проблеми што и самата не успеала да ги реши додека била на власт. Постојат многубројни примери за ваквото тврдење.

Напаѓаат за постоење на корупција, но токму нивното владеење беше обележано со низа коруптивни скандали и раширена корупција до најситните општествени пори. Најпознатиот од сите е оној со нивната СЈО обвинителка, Катица Јанева. Таа заврши во затвор, а нејзината екипа на столбот на срамот.
Нудат некакви решенија за реформи во здравството за кои и самиот Филипче лично зборува. Но, токму во неговиот мандат бевме сведоци на хаос во здравството, пожари во модуларни болници, обиди за насилно и криминално преземање на приватни болници, скандали со препарати за хемотерапија и што ли уште не.

Критикуваат за постоење сиромаштија, зголемена инфлација и пад на животниот стандард и тоа во услови кога светот се соочува со воени судири, нафтени кризи и блокади. Токму тие додека беа на власт останаа само со сопствените политички слогани за повисоки плати, подобар животен стандард и влез во ЕУ како ултимативно решение за сите економски проблеми.

Денес повторно зборуваат за професионална администрација и институции ослободени од партиски влијанија. Навистина човек да помисли дека никогаш не биле во можност да сторат нешто во оваа област, а реалноста е сосема поинаква. Тие многу брзо заборавија каква брутална партизација направија во сите буџетски институции додека беа на власт. Партизација маскирана со ветувањето за реформи и рационализација.

Во секојдневните изјави и пресконференции сакаат да се претстават како борци за реформи во судството, а токму во нивното неодамнешно владеење гледавме монтирани судски процеси како од времето на Сталин. Довербата на граѓаните во судството падна на 2%, без „светло на крајот од тунелот“ дека нешто може да се подобри во оваа област додека беа на власт.

Агресивно зборуваат дека кога тие би биле власт би обезбедиле политички консензус за внесување на Бугарите во Уставот. Но, кога реално беа власт и ги прифатија таквите обврски, кога имаа премиер, влада и меѓународна поддршка, не успеаја да обезбедат двотретинско мнозинство. Денес, со многу помала поддршка, тврдат дека тоа би било можно.

Како? За која цел, кога сите знаеме дека веднаш потоа ќе следи нова блокада?!

Убедени се дека знаат како да го откочат европскиот пат на Македонија преку уставните измени и исполнување на бугарските барања. И повторно забораваат дека дека тие беа на власт кога Бугарија ја започна серијата на вета, кога се потпиша Договорот за добрососедство и кога следуваа новите условувања и билатерализација на евроинтегративниот процес на Македонија. Наместо решенија, ја доведоа државата во состојба на самоблокада.

Тоа е СДСМ!

Денес се поставуваат неколку прашања. Зошто Филипче е толку агресивен во своите јавни настапи и зошто сака да ги исполни бугарските услови? Зошто токму сега повторно се обидува да ја продаде тезата дека тој и СДСМ се единствените што можат да ја деблокираат европската перспектива на Македонија, ни помалку ни повеќе, преку исполнувањето на диктатот на Софија?! Ако навистина имале политичка волја, дипломатска умешност и државничка сила да го направат тоа, зошто не го направија тогаш кога ја имаа целата власт во свои раце?

Фактите говорат нешто сосема спротивно од она што повторно ни го продава СДСМ во ЕУ опаковка. Филипче денес намерно го премолчува тоа дека Бугарија не запре по ниту една македонска отстапка. Напротив, по секој „компромис“ следуваше нов услов. По секое „да“ од Скопје, следеше ново „не“ од Софија. Тоа беше реалност што дури и најсервилните претставници на тогашната власт, Заев и Ковачевски, не можеа повеќе да ја сокријат.

Ако Договорот за добрососедство, со целата своја асиметричност, беше претставуван како решение за сите спорни проблеми меѓу двете земји и како временска одредница од која ќе започне да тече мед и млеко во односите меѓу Македонија и Бугарија, воспоставувањето на Историската комисија ги симна бугарските маски и дефинитивно го билатерализираше процесот враќајќи го назад во минатото.
Се редеа барања за учебниците, за јазикот, за историјата, за ревизија на националниот наратив. Потоа дојде францускиот предлог и условот за внесување на Бугарите во Уставот. Но и тогаш не заврши приказната. Јасно беше ставено до знаење дека тоа не е последната станица, туку само уште една етапа во бескрајниот процес на нови барања.

Токму затоа е лицемерно денешното тврдење на Филипче дека „само уште ова“ треба да се направи и Македонија ќе тргне напред. Тоа го слушаме со години. И секој пат се покажува како политичка измама. Граѓаните веќе не се наивни. Тие видоа дека политиката на попуштање не донесе почит, туку нов притисок. Не донесе сигурност, туку понижување.

Филипче, како ново лице на старата политика, сега се обидува да ја рециклира истата формула. Почетниот помирен тон и поумерена реторика на Филипче, нагло се претвори во нервоза која е се поголема и отворено се манифестира. Тој ни нуди идентична суштина, односно да ги прифатиме бугарските услови, да направиме уште една отстапка и да веруваме дека овој пат ќе биде последен.

А, кој е тој што може да верува на ваквите приказни?

Овде особено важно е прашањето на политичката сила. Дури и да претпоставиме дека Филипче искрено верува оти уставните измени се решение, како точно планира да ги спроведе? Со какво мнозинство? Со каков легитимитет? Со каква поддршка?

За промена на Уставот се потребни две третини во Собранието. Тоа не е техничко прашање, туку прашање на длабок политички консензус кој има свои корени во целокупното гласачко тело. Кои гласачи во македонија ќе му обезбедат две третини на филипче за неговите политички манипулации? Кои се тие гласачи кога јасно е гледа дека политичкиот капитал на СДСМ е во постојан пад. Поразите на избори, загубената доверба, внатрешните поделби и разочараноста кај сопственото членство покажуваат дека оваа партија веќе не е фактор каков што беше.

Реалноста е сурова. СДСМ политички вредат помалку од една петина од бројот на пратенички мандати, а зборуваат како да располагаат со најмалку две третини. Тоа не е стратегија, тоа е политичка фантазија. Граѓаните не им веруваат, а без доверба нема можност за добивање на мандати, ниту капацитет за носење на толку чувствителни одлуки.

Дополнително, тие не нудат одговор на најважните прашања. Што ако и по уставните измени Бугарија повторно постави нов услов? Што ако повторно следува нова блокада? Што ако повторно се отвори нов спор околу идентитетот, јазикот или историјата? Дали тогаш ќе бараат нови отстапки, нови ревизии и нова цена што Македонија треба да ја плати?

Токму тука лежи недовербата на јавноста. Не затоа што луѓето се против Европа, туку затоа што веќе еднаш беа излажани. Им беше ветено достоинство, а добија понижување. Им беше ветен крај на блокадите, а добија институционализирана уцена.

Филипче не може да избега од тој политички товар. Тој не доаѓа од нова политика, туку од истиот систем што ја создаде оваа состојба. Не може да се претставува како реформатор, ако суштински ја брани истата логика на отстапки без гаранции. Не може да бара доверба за проект што веќе еднаш пропадна.

Македонија не смее повторно да влезе во процес во кој секоја отстапка се претвора во нова обврска. Не смее повторно да се прифаќа логиката дека националното достоинство е пречка, а не темел на европската интеграција. Европа не смее да биде алиби за политичка слабост.

Да се биде проевропски не значи да се биде безусловно покорен. Да се биде за интеграција не значи да се прифаќа секое понижување како дипломатски успех. Вистинската европска политика подразбира рамноправност, предвидливост и почитување на принципите. Сè друго е само политичка трговија на сметка на државните интереси.

Затоа, прашањето не е дали Македонија треба да продолжи кон ЕУ. Тоа е неспорно. Прашањето е по која цена и со какви гаранции. А токму тука Филипче нема одговор. Денешните негови повици звучат повеќе како политичка носталгија отколку како реален план. Тоа не е визија за иднината, туку обид за рехабилитација на една политика што веќе ја загуби довербата кај народот.

Поврзани вести