Skip to main content
Ема Попивода, директорка на Македонскиот КИЦ во Тирана:

Уметноста е најдобриот мост меѓу народите

Културата е најсилниот мост меѓу народите, а во Тирана тој мост го гради жена со визија и извонреден уметнички сензибилитет- Ема Попивода, директорка на Културно-информативниот центар (КИЦ) на Македонија во Албанија. Како реномирана пијанистка со светска кариера, таа сега својата енергија ја насочува кон афирмација на македонските вредности, јазикот и уметноста во срцето на Тирана. Таа успева да ги спои музичката прецизност со дипломатската вештина, отварајќи нови порти за македонските уметници.

Во ова интервју ја откриваме нејзината стратегија за зближување на двете соседни култури и личната мотивација зад бројните проекти што го привлекоа вниманието на регионалната јавност. Со неа зборуваме за новата ера на културна соработка, за македонскиот павилјон на фестивалот Muse-X и за предизвикот да се биде културен амбасадор во динамична средина.

Кои се вашите клучни приоритети како директорка за македонската култура да биде поприсутна и попрепознатлива во албанското општество?

Мој главен приоритет е да се создадат повеќе можности за вистинска културна размена, како би се овозможила уште поголема промоција на македонската култура и меѓусебно запознавање на македонската и албанската културна сцена. Уметноста е најдобриот мост меѓу народите. Верувам дека преку богатата културна програма на македонскиот културен центар во Тирана македонската култура ќе стане поблиска и подостапна за албанската публика. Особено е важно што во програмата се вклучени и младите уметници, како и современите форми на културната презентација со што се привлекува големо внимание кај широката публика. Посебен фокус во мојата работа се и заедничките проекти помеѓу институциите, уметниците, културните работници од двете земји, со што се отвораат можности за нови соработки и се гради една поголема културна сцена.

Со гордост можам да кажам дека Културно информативниот центар на Македонија во Тирана во изминатата година се вброи меѓу најзначајните и најатрактивни културни места во градот, за што е доделена и награда со признание од страна на еден од културните двигатели во Албанија –  Клик Експо Груп.

Колку вашата меѓународна пијанистичка кариера и искуство со настапи во светски метрополи ви помагаат во менаџирањето на овој културен центар?

Мојата работа секогаш вклучуваше и активно менаџирање на моите концерти и настапи. Покрај тоа, веќе 19 години успешно раководам и менаџирам со Фестивалот за современа музика МОДОАРС, во чии рамки настапувале уметници од САД, Јапонија, Африка и речиси цела Европа. Сето тоа искуство, како и пријателските и професионални контакти кои ги имам стекнато низ годините  заедно со моите добри менаџерски способности, ми помогнаа во раководењето на културниот центар. Во Албанија навистина наидов на топол прием во сите културни институции. Бројните пријателствата и соработки што ги воспоставив се дополнителна поддршка во моето работење.

Неодамна КИЦ Тирана беше дел од големиот експо-фестивал Muse-X во Тирана. Како ваквите настани влијаат врз промоцијата на македонскиот филм, музика и туризам?

Претставувањето на Македонскиот павилјон на експо-фестивалот Muse-X во Тирана беше навистина значајно.Учествуваа голем број македонски претставници на културата, туризмот и занаетчиството на кои покрај сопствената промоција им беше овозможено да остварат B2B состаноци директно со претставници од Албанија или други земји со кои би можеле да воспостават соработка. Меѓу претставниците беа Авалон продукција, Пасворд продукција, Манаки филм фестивал, Алеп груп, Тиквеш винарија, Валданос, САТРавелс, Бојан Ковски, Тибетанија рекордс. Дел од претставниците беа учесници и на панел дискусиите во рамките на фестивалот каде се дискутираа и се носеа заклучоци на теми поврзани со работата во културниот сектор. Бобан Лазовски и Марга Сол беа дел од жирито во оценувањето на младите продуценти. Се прикажуваа филмови на Вардар Филм, како и филмот “The Happiness effect” на Борјан Зафировски. Во фестивалскиот дел учествуваа ДЈ -ите Гоце Саф, Чваре и браќата Узун. На отворањето на фестивалот настапив и јас со проектот „Акустик електроникс“ за пијано и оркестар со композиции инспираирани од познати теми од електронската музика започнувајќи со Kraftwerk, New order, Derrick may, David morales, Prodigy и многу други. Особено важно е што за настапот на овој проект се соединија два оркестри – оркестарот “Профундис” од Македонија и Оркестарот на Албанската радио телевизија, под диригентство на Ѓурѓуца Дашиќ.

Ваквите настани имаат огромно значење бидејќи овозможуваат македонската култура, музика, филм и туризам да се претстават пред меѓународна публика на современ и атрактивен начин. Големото присуство на македонски уметници и компании беше забележано од бројни медиуми и институции, што дополнително придонесе за видливоста и афирмацијата на нашата земја во регионот и пошироко.

Често организирате средби со македонското малцинство во Албанија и лекторатот по македонски јазик на Универзитетот во Тирана. Кои се следните заеднички проекти за зачувување на македонскиот идентитет таму?

Еден од особено важните приоритети на  работата на КИЦ Тирана е и соработката со македонското малцинство кое го има во голем број во Албанија, како и со лекторатот по македонски јазик во Тирана. Верувам дека јазикот, културата и образованието се клучни за зачувување на идентитетот, особено кај младите генерации. Неодамна, заедно со Амбасадата на Македонија во Албанија се свечено се одбележа Денот на македонскиот јазик. Во присуство на голем број Македонци и пријатели на нашата земја, а во организација на лекторката по македонски јазик на Универзитетот за странски јазици во Тирана, м-р Верица Мукоска, студентите кои го изучуваат македонскиот јазик прочитаа песни од Блаже Конески и Петре М. Андреевски, како и авторска песна посветена на Кочо Рацин, напишана од лекторката. Во периодот кој следува планираме повеќе заеднички културни и едукативни проекти. Во план е да се отворат и курсеви по македонски јазик, а на инцијатива на амбасадата и воведување на македонски јазик   како редовен предмет на факултетот за странски јазици во Тирана.

Со сета своја работа, Културно-информативниот центар претендира да биде отворен простор за поддршка, поврзување и афирмација на македонската култура и идентитет во Албанија, преку современи и квалитетни програми кои ќе создаваат трајни контакти и соработки

Каква е соработката со локалните институции, како што е Националниот кинематографски центар на Албанија или министерствата за образование и култура?

Наидов на навистина топол прием во сите културни институции во Албанија и голем интерес за соработка. Меѓу успешно остварените соработки на кои работев во изминатиот период,  е и соработката со Интернационалниот филмски фестивал во Тирана кој во голем дел ќе биде посветен на современиот македонски филм. На отворањето на фестивалот ќе се прикажува филмот „Мајка“ на Теона Митевска, а сестрите Лабина и Теона Митевски ќе одржат и филмска работилница и мастер – клас за филм. Ќе бидат прикажани и филмовите „Збогум, Копакабано“ на Милчо Манчевски и „ДЈ Ахмет“ на Георги Унковски.

Одлична соработка остварив и со Министерството за образование во Албанија и на нивна покана учествував во работна група и панел дискусии за важноста и потребата од поголема вклученост на уметничките предмети во образовниот систем во основните училишта во Албанија.

Значајна е и поврзаноста со неколку фестивали за класична и современа музика, меѓу кои Durres Chamber Fest, Magic Flute, piano Fest Tirana, Muse-X, Tirana Guitar Fest кои овозможија настапи на наши уметници во рамките на нивните фестивали.

Во октомври ќе се одржат и Денови на македонската детска литература  во Тирана во соработка со Интернационалниот литературен фестивал во Тирана.

Неодамна беше потпишан меморандум за соработка меѓу музичките училишта од Битола и Тирана. Колку е важна едукативната размена во културната дипломатија?

Делувањето на КИЦ Тирана е навистина широко во полето на културата, а посебно е значајно во делот на едукација на младите. Како уметник и музичар многу добро знам колку е важна меѓусебната поврзаност и соработка  со други уметници и училишта. Посебно морам да ја истакнам и големата посветеност, ентузијазам и високо професионална работа на директорката на Музичкото училиште во Битола Марија Шамоска Буџаковски, како и сите наставници и ученици. Во организација на КИЦ Тирана се реализираше гостински концерт на учениците од Битола во концертната сала на Музичкото училиште „Јордан Мисја“ во Тирана. Помеѓу директорите на двете училишта беше потпишан Меморандум за соработка  кој предвидува идни соработки и настани меѓу кои размена на концерти, гостински предавања и мастер – класи на наставниците како и реализација на заеднички музички проекти.

Сметам дека токму ваквите едукативни и културни размени претставуваат една од најважните форми на културна дипломатија, бидејќи преку нив се создаваат трајни пријателства, професионални соработки и меѓусебно почитување меѓу младите генерации

Кои се најголемите логистички и програмски предизвици во раководењето на еден македонски културен центар во странство?

Од логистички аспект, најголем предизвик се ограничените ресурси, координацијата на настани со уметници од различни земји, усогласувањето на техничките услови, транспортот и временските рокови. На пример транспортот на крупни уметнички дела е секогаш предизвик. Се трудам да ги прераспределиме настаните  да бидат еднакво застапени во сите месеци, но не секогаш е можно да се планира бидејќи е поврзано и со самите уметници и нивниот распоред.  Исто така, важно е постојано да се одржува добра соработка со локалните институции и партнери, бидејќи секој настан бара заедничка организација и поддршка.

Од програмски аспект, предизвик е да се создаде содржина која е истовремено автентична македонска, но и интересна и привлечна за меѓународната публика. Потребно е внимателно планирање на програмата, балансирање меѓу традиционални и современи форми на уметност, како и постојано градење нови соработки со уметници и културни институции од земјата домаќин и пошироко.

Како успевате да ја балансирате функцијата директор со вашите професорски и изведувачки обврски?

Со добра организација успевам да ја балансирам работата помеѓу двете обврски, но и со јасно поставени приоритети. Иако е понекогаш напорно, но задоволството по успешната реализација е навистина големо. Тука и се семејните обврски кои се секогаш мој приоритет, а моето семејство безрезервно ме поддржува во се’ што работам. Двете работи се и поврзани на некој начин бидејќи имаат заедничка цел- промоција и развој на македонската музичка култура. Затоа сум среќна што можам да ги спојам овие работи и да придонесувам во културниот развој и афирмација на македонската уметност

Разговараше: Невена Поповска

фото: приватна архива

Поврзани вести