Skip to main content
Јавна расправа по нацрт-текстот на Националната стратегија за развој на културата за периодот 2026 – 2030

Љутков: Развојот на културата не е само обврска и интерес на културниот сектор, туку и на сите други сектори во државата

Во Музејот на македонската борба за самостојност се одржа јавна расправа по нацрт-текстот на Националната стратегија за развој на културата за периодот 2026 – 2030 година со Акциски план.

Во воведниот дел пред присутните се обрати министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

Дозволете ми да го изразам моето големо задоволство што  денеска имаме можност да зборуваме за културата, за нејзината незаменлива улога во општествениот контекст, за нејзината развојна компонента и за новиот стратешки документ, Националната стратегија за развој на културата за периодот 2026-2030 година. Би сакал на почетокот да ја изразам мојата голема благодарност за вашиот интерес, за  вашите конструктивни забелешки и предлози кои уверен сум дека ќе ни овозможат донесување на една квалитетна Национална стратегија, која ќе обезбеди развојно поместување во сферата на културата во нашата држава.

Предизвиците на новото време, глобализацијата, новите технологии и вредносните ориентации, на културата и даваат карактеристики на исклучително развојна сфера за целокупниот современ развој. Улогата на државата како институционална рамка е да ги стимулира, помага, унапредува и да ги развива културните односи во општеството. Во функција на целосна интеграција на културата приоритетно е таа да се третира како дел од сите развојни планови на државата. Развојот на културата не е само обврска и интерес на културниот сектор, туку и на сите други сектори во државата. Затоа културниот сектор треба да се интегрира во другите сектори, а другите сектори во културниот сектор. На овој начин се дефинира „одржливиот културен развој“.

Би сакал во оваа прилика да потенцирам дека на подготовката и изработката на Националната стратегија, која е сериозна и стручна работа и која подразбира широки теоретски познавања и практични искуства, и претходеа бројни анализи  во кои  посветено се вклучија стручни лица кои работат во Министерството за култура и туризам и кои со години ги следат состојбите во дејностите од областа на културата. Нацрт текстот на Националната стратегија за развој на културата беше изработен од вработени раководни службеници во Министерството за култура и туризам со долгогодишно искуство. Консултиравме многу автори, репродуктивци, граѓански здруженија, невладин сектор, а особено важно за нас беше и мислењето на групата истакнати интелектуалци, членови на МАНУ кои беа наши соработници. Секако голема благодарност и до Советот за култура и претседателката Ганка Цветанова за нивниот придонес и сугестии во изработката на документот. Со посебно внимание би сакал да го истакнам ангажманот на УНЕСКО-Антена канцеларијата во Сараево, која на наше огромно задоволство ни ја овозможи соработката со Академик и професор Милена Драгиќевиќ Шешиќ, на која сме и особено благодарни. Нацрт-текстот на Новата Стратегија го доставивме на мислење и до Националните и локалните установи и до други државни органи. Од 24 март 2026 година текстот на Националната Стратегија е објавен и на Единствениот национален електронски регистар на прописи, каде што може да се достават мислења, предлози и забелешки. По одржувањето на оваа јавна расправа, сите забелешки и сугестии ќе бидат внимателно разгледани, имплементирани во документот и истиот ќе се проследи до Владата и Собранието каде во една транспарентна и демократска постапка, очекуваме дека ќе се донесе наскоро.

Во Националната стратегија за развој на културата за периодот од 2026 до 2030 година, е препознаен потенцијалот на културата како двигател на плуралистичкиот, иновативниот и конкурентниот развој на општеството. Во таа смисла, со доследна имплементација на Националната стратегија и Акцискиот план кој е составен дел од истата, до  2030 година, нашата држава ќе развие културен систем кој е отворен кон нови идеи и различности, инклузивен за сите граѓани без оглед на нивната етничка, социјална, родова и генерациска припадност, динамичен и иновативен, способен да генерира културни производи што се конкурентни на европскиот и светскиот пазар.

Националната Стратегија идентификува 5 приоритетни области преку кои во следниот петгодишен период ќе се спроведуваат реформи во културата, и тоа:

1. Поттикнување и негување на квалитетот и разновидноста на креативните изрази во уметностите.

2. Заштита и одржливо користење на културното наследство.

3. Реобликување на моделите на управување во културата: Институционална автономија како основа за развој.

4. Дигитализација во културата и дигитална трансформација.

5. Културата како ресурс за креативен, социјален и економски напредок.

Стратегијата ги определува неопходните институционални рамки, административните алатки и мерки, приоритетните цели и проекти во културата, нивните носители, се со цел да се поттикне општествен амбиент за позабрзан, слободен и независен напредок на уметноста и на современите креативни културни практики во Република Македонија.

Во тој контекст, Стратегијата  и нејзината имплементација отвораат многу прашања и многу иницијативи, кои иако не се секогаш во надлежност на Министерството за култура и туризам, јасно ги детектираат образовните и другите општествени потреби и укажуваат на нивно решавање.

Во фокусот на Стратегијата за развој на културата овојпат се младите, едукацијата на младата популација и нивната интегрираност во создавањето и практикувањето на културните вредности. Со сетот мерки што се предлагаат како создавање виртуелен простор за изразување на младите, летни школи за талентирани деца под менторство на етаблирани уметници, обезбедување вредносни ваучери за следење културни настани и купување книги, реализација на капитален проект за издавање на книги за деца и млади како и продуцирање на домашна играна или анимирана серија, уверени сме дека ќе влијаеме на градењето здрава младина која ќе биде носител на позитивните општествени промени. Преку останатите  планирани активности и мерки содржани во Акцискиот план на Стратегијата ќе настојуваме да го збогатиме домашното творештво преку откупи на дела, а ќе ја возобновиме и уметничка критика која е клучен коректор на културните процеси во државата. Ќе го доближиме филмот до домашната публика преку осовременување на кино-прикажувачката инфраструктура. Во заштитата на културното наследство ќе ги интензивираме процесите на валоризација и ревалоризација и неговата  понатамошна конзервација со ревидирање и намалување на административните и бирократските постапки. Наша цел ќе биде современа презентација на културното наследство и негово втемелување како фактор на одржливиот економски и културен развој. Со интегриран пристап, во наредниот петгодишен период фокусирано ќе дејствуваме на спречувањето  нелегална трговија со културното наследство, ограничување на ризиците на кои е изложено наследството како климатските промени, но реституцијата исто така ќе биде приоритет кој ќе настојуваме да го оствариме преку соработка со надлежните од другите држави. Предуслов за сите мерки и активности особено во заштитата на културното наследство е стручниот кадар. Свесни сме за алармантната состојба во оваа сфера и затоа наш приоритет ќе биде вработувањето и едукацијата на стручниот кадар. Ќе го подобриме функционалното дејствување на установите и ќе ја модернизираме правната рамка во заштитата на културното наследство. Автономијата во културата која ќе се обезбеди со реобликување на мрежата на национални установи и децентрализацијата е уште една приоритетна област во наредниот петгодишен период. Во таа смисла, сакам да потенцирам дека реобликувањето на мрежата на установите не подразбира укинување на институциите туку нивна современа реорганизација во функција на остварување на мисијата и визијата за која се основани. Ниту едно вработено лице во установите од културата нема да го загуби работното место туку сите вработени ќе имаат можност да дадат свој придонес во работењето на матичните установи. Дигитализацијата како дел и од реформската агенда на Владата ќе биде приоритет и во културата, со создавање на технолошка инфраструктура за презентација на културните содржини и вредностите на културното наследство. Поддршката ќе биде насочена кон креирање дигитални платформи, вмрежувања итн. Креативните индустрии како белег на современото општество ќе бидат во фокусот на културната политика во наредниот период преку сет на мерки кои предвидуваат изработка на програмски документ за развој на креативните индустрии, креирање програми за креативно претприемништво, воспоставување на модели на јавно-приватно партнерство, изработка на документ со визија за развој на културниот туризам итн.

Со оглед на фактот дека културата ги артикулира индивидуалните, но и заедничките културни, уметнички и творечки интереси и потреби на сите граѓани, принципот на загарантирано право на естетски, уметнички и културен диверзитет се препознава јасно во новиот документ. Република Македонија е држава во која егзистираат различни културни матрици. Културата треба да биде простор за осовременета комуникација и за надминување на разликите, а не фактор кој ќе генерира постојани разлики и отсуство на комуникација.  Јавната и приватната културна, традиционална и алтернативна сцена не само што треба да бидат изедначени, туку треба да бидат постојано поттикнувани во остварувањето на стратегиските интереси на Република Македонија.

Невладиниот сектор и во иднина ќе биде важен фактор во креирањето на генералната културна политика. Во Новата Стратегија овој сектор како и досега се идентификува како важен чинител во создавањето и во рецепцијата на новите уметничките вредности, методологии и практики. Приватните и индивидуалните иницијативи се многу ефикасни во афирмацијата на современата македонска култура во државата и во странство, во комуникацијата со јавноста и со граѓаните при освојувањето на потенцијално новата публика. Имајќи ги предвид овие факти, Министерството за култура ќе поддржува проекти и иницијативни на овој сектор, а планирано е и обезбедување на простор во кој ќе делува независната сцена.

Националната стратегија која е изработена по методологија донесена од Владата на Република Македонија ќе има  оперативна функција со донесувањето на Акциски план за спроведување на Националната стратегија. Министерството за култура и туризам ќе биде обврзано  еднаш годишно да доставува извештај до Собранието на Република Македонија за степенот на реализација на Стратегијата.

Новата Стратегијата ќе дефинира долгорочните и системски конципирани културни политики и приоритети на Република Македонија, во сообразност со водечките глобални и меѓународни развојни стратегии (ОН, УНЕСКО, ЕУ), а Годишната програма ќе биде инструмент за нивна имплементација. Спроведувањето на Стратегијата зависи од повеќе фактори, пред се од самите чинители во културата. Да заклучам, спроведувањето на Стратегијата  е  наша заедничка одговорност. Ви благодарам за вниманието и ве поканувам да ги споделите со нас вашите коментари и забелешки.

Поврзани вести