
Македонскиот културен центар во Истанбул и Кинотеката на Македонија ја информираат јавноста дека Македонија ќе биде дел од програмата на Бејоглу филмските денови – „2. Beyoğlu Film Günleri“ во Истанбул, преку проекцијата на дигитално реставрираните филмови на легендарните браќа Манаки – првите сниматели на Балканот.
Проекцијата ќе се одржи на 13 мај 2026 година (среда), со почеток во 16:00 часот, во киното Бејоглу (Beyoğlu Sineması) во Истанбул.
Под наслов „Филмови на браќата Манаки“, публиката ќе има можност да проследи автентични документарни снимки создадени во периодот од 1905 до 1918 година, кои претставуваат непроценливо визуелно сведоштво за животот, културата и историските случувања на почетокот на XX век.
Во филмскиот опус на Милтон и Јанаки Манаки се забележани сцени од секојдневниот живот, народни танци, верски ритуали, панаѓури и важни историски настани, меѓу кои и Младотурската револуција (Хуриет), како и посетите на султанот Мехмед V Решад во османлиска Македонија.
На проекцијата ќе биде прикажана дигитално реставрираната верзија на филмовите, реализирана во соработка помеѓу Кинотеката на Македонија и филмска лабораторија во Будимпешта, со што ова значајно филмско наследство е зачувано и достапно за новите генерации.
На почетокот на настанот пред присутните ќе се обратат директорот на Македонскиот културен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски, како и директорот на Кинотеката на Македонија, Бошко Грујоски.
Учеството на Македонија на „Бејоглу филмските денови“ претставува значајна можност за меѓународна промоција на македонското културно и филмско наследство. Настанот се реализира и во духот на одбележувањето на значајниот јубилеј – 50 години Кинотека на Македонија, институција која веќе половина век континуирано ја чува, реставрира и промовира македонската филмска меморија, враќајќи ги подвижните слики таму каде што најсилно живеат – пред публиката.

Македонски



