
Овогодинешната селекција носи два авторски филма кои преку различни естетски и наративни пристапи ги отвораат прашањата за современото разбирање на семејството, телото, идентитетот, заедништвото и припадноста. Во нивниот фокус е интимното искуство, кое не останува затворено во приватното, туку се трансформира во поширок, универзален општествен коментар што зборува за начинот на кој живееме во растргнат свет и ги наоѓаме и градиме нашите упоришта.
Програмата започнува со францускиот филм „Доказ за љубов“ на Алис Дуар, филм којшто произлегува од личната потреба да се создаде недостасувачка слика на современото родителство надвор од биолошките и хетеронормативните модели. Филмот ја следи интимната, но и правно и општествено условена борба на лезбејски пар кој се обидува да изгради семејство во систем исполнет со институционални ограничувања и општествени очекувања. Преку спој на нежност, хумор и ангажираност, филмот настојува да понуди простор на препознавање и емпатија, при што љубовта и родителството се прикажани како универзални, но истовремено и длабоко општествено обликувани искуства.
На проекцијата ќе ѝ претходи разговор што ќе се обиде да ја локализира филмската приказна, отворајќи прашања за можно правно препознавање и уредување на истополовите релации во земјава и отпочнување на семејство.
Вториот ден од програмата е резервиран за „Фантази“ – дебитантскиот долгометражен филм на словенечката режисерка Кукла, кој продолжува да го преиспитува концептот на семејството, не како биолошка или однапред зададена структура, туку како простор што се создава преку блискост, грижа, ранливост и меѓусебно препознавање. Сместен во суровото бетонско предградие, кое Кукла го претвора во речиси соновен и магично-реалистичен простор, три машкуданести девојки и другарки се обидуваат да изградат сопствено место за слобода и експериментирање, растејќи во средина обележана од патријархални правила, (закана од) насилство и постојан притисок да се вклопат во наметнатите норми. Кога во нивниот свет влегува Фантази, започнува процес на преиспитување на сопствените желби, тела и идентитети.
Да не заборавиме да ја спомнеме и музиката, која во двата филма не функционира само како позадина, туку како емотивен и структурен елемент кој го гради и проширува филмскиот простор. И можеби токму затоа, овие филмови најдобро се гледаат со широко отворени сетила и наострени уши.
На проекцијата ќе ѝ претходи разговор што ќе се обиде да ја локализира филмската приказна, отворајќи прашања за можно правно препознавање и уредување на истополовите релации во земјава и отпочнување на семејство. Низ разговор со Душица Лазова, правничката и експертка за човекови права Маја Атанасова ќе ги разгледа постоечките пракси во регионот и пошироко – како на пример, усвојувањето на животните партнерства во Црна Гора во 2020 – за да ги именуваме и идентификуваме тукашните потреби, начини и можности за истополово партнерство.
Маја Атанасова е правничка и експертка за човекови права. Во својата работа се занимава со правна анализа, застапување и развој на политики поврзани со заштита на ранливи групи, со особен фокус на родово-базирано насилство, ЛГБТИ права и човекови права во контекст на општествени и политички промени.
Душица Лазова се занимава со истражување, пишување, уредување и преведување во полето на родовите и квир студии и културно-уметнички пракси и дигиталната хуманистика. Соуредничка е на феминистичката платформа @meduzaplatform и истражувачка во @reactormkd. Душица е една од основачките на дуото @butchkuruzh.
20.5 | 20:30 | Лабораториум
ДОКАЗ ЗА ЉУБОВ (Des Preuves D’amour), Франција, 2025, 97‘
Режија: Алис Дуард

Продукција: Апсара Филмс, Лес Филмс де Жун
Главни улоги: Ела Румпф, Монија Шокри, Ноеми Лвовски
Селин го очекува своето прво дете. За три месеци, нејзината сопруга Надија ќе ја роди нивната ќерка. Соочена со очекувањата на семејството, пријателите и законот, Селин се бори да го пронајде своето место и да ја потврди својата улога и легитимност како родител и сопатник.
Алис Дуар студира на Ла Фемис на отсекот за режија. Нејзиниот дипломски филм „Екстрасистол“ е селектиран на бројни фестивали. Потоа режира уште два кратки филма, „Девојките“ и „Плен Вест“, и истовремено работи како скриптерка. Во 2022 година ја основа продукциската куќа Лес Филмс де Жун заедно со Мари Боитар, и го режира филмот „Очекување“, кој во 2024 година ја добива наградата Сезар за најдобар краток игран филм. Истата година го режира и копродуцира својот прв долгометражен филм „Доказ за љубов“.
21.5 | 20:00 | Лабораториум
ФАНТАЗИ (FANTASY), Словенија, Македонија, 2025, 98’

Сценарио и режија: Кукла
Продукција: Децембер, Круг Филм
Главни улоги: Сара ал Салех, Алина Јухарт, Миа Скрбинац, Мина Миловановиќ
Михрије, Сина и Јасна се најдобри пријателки во своите рани дваесетти години и живеат во Словенија. Нивниот нетипичен, машкуданест начин на живот и интереси често ги доведуваат во судир со семејството и конзервативната средина што ги опкружува. Светот комплетно им се менува кога ќе ја запознаат Фантази, транс жена која ќе ги поттикне да се соочат со сопствените желби и избори.
Кукла е филмска режисерка и уметница од Словенија, препознатлива по својот автентичен визуелен стил и интересот за теми како идентитетот, родот и маргинализираните заедници. По студиите по филмска и телевизиска режија на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, својата кариера ја насочува кон режија на музички спотови. Нејзиниот краток филм „Сестри“ во 2021 година ја доби главната награда на престижниот фестивал за краток филм во Клермон-Феран. „Фантази“ е нејзиниот прв долгометражен филм, кој ја имаше својата светска премиера на Филмскиот фестивал во Локарно и потоа освои бројни меѓународни признанија, меѓу кои и наградата „Срцето на Сараево“ за најдобра актерска екипа.

Македонски


