
Венко Филипче испратил „социјалдемократски поздрав“ од Рим, каде престојува за продолжениот викенд по повод Меѓународниот ден на трудот, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ во соопштение што го пренесува МИА.
Од партијата наведуваат дека со тоа, според нив, уште еднаш се покажува недоследноста меѓу реториката за грижа за работниците и реалното однесување.
„По напуштањето на седницата за пратенички прашања во Собранието и избегнувањето на директно соочување, Филипче потврдува дека личните интереси и, како што велат, ‘политичкиот туризам’ му се приоритет пред обврските кон граѓаните“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека раководството на СДСМ, предводено од Филипче, нема јасна стратегија и концепт, оценувајќи дека нивните заложби за европскиот пат се декларативни.
Во соопштението се додава дека Филипче, според нив, се обидува да се наметне како „арбитер“ за европските процеси, без притоа да поставува јасни позиции, додека истовремено е подготвен на компромиси за политички цели.
Партијата го обвинува и за, како што наведуваат, „манипулации“ со изјави на европски претставници, меѓу кои и Томас Вајц, како и за пласирање информации за блокирани ИПАРД средства, кои, според нив, биле демантирани.
„СДСМ и Филипче декларативно се повикуваат на европските вредности, додека во пракса делуваат спротивно на принципите на одговорност, транспарентност и владеење на правото“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Македонски


