
По изборите во Брвеница, раководството на СДСМ и партиската портпаролка Богданка Кузевска го истакнуваат растот на гласовите во споредба со претходното гласање, иако кандидатот на партијата заврши на четвртото место. Таквото толкување предизвика иронична реакција од поранешниот висок функционер на СДСМ, Ивор Мицковски, додека поранешниот градоначалник на Лозово од партијата, Ацо Велковски, отворено повика на одговорност и промени.
Во партиското соопштение се наведува дека кандидатот на СДСМ освоил 46 отсто повеќе гласови отколку во 2025 година, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ добил 13 отсто помалку. Кузевска дополнително оцени дека со повикувањето на победа со сооднос „4:1“ се дефокусира од падот на поддршката за ВМРО-ДПМНЕ. Таа порача дека граѓаните треба да ја оценуваат власта според ветувањата и резултатите, но заклучи и дека резултатот во Брвеница покажува раст на поддршката за СДСМ.
Но, кандидатот на СДСМ, Јовица Радески, освои 706 гласа и заврши на четвртото место. Кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ доби 2.943 гласа.
На ваквото претставување на резултатот иронично реагираше Ивор Мицковски, поранешен висок функционер на СДСМ.
„Губиме 4:1, а јас им го рециклирам муабетот од локалните: ВМРО тоне 13%, ние растеме 46%“, напиша тој.
Со забелешката дека „зборот неуспех ќе се замени во македонскиот речник со зборовите консолидација или раст“, Мицковски се потсмеа на обидот поразот да се претстави како успех. Директно му порача на лидерот на партијата, Венко Филипче дека се четврта партија.
„Шлеперов пак 4-та партија…“ – напиша Мицковски.
Уште посилен повик за промени упати Велковски, поранешен градоначалник на Лозово од СДСМ кој побара одговорност. Во отворено обраќање до Венко Филипче, членовите и симпатизерите, тој праша до кога партијата ќе се прави дека сè е во ред, додека нејзините членови ги губат вербата, достоинството и надежта.
„На СДСМ не му се потребни оправдувања. Му требаат храброст, визија, одговорност и лидерство што ќе ја врати довербата“, порача Велковски.
Тој предупреди дека проблемот е подлабок од еден изборен резултат и дека по поразите и претходните предупредувања мора да се признае дека нешто сериозно не функционира.
„Јас не сакам да бидам дел од распадот на СДСМ. Сакам да бидам дел од неговото повторно раѓање!“, напиша тој, најавувајќи дека е подготвен да преземе одговорност, да ги обедини разочараните членови и да работи на создавање „нова, силна и организирана социјалдемократска сила“.
Велковски порачува дека СДСМ не е ничија приватна сопственост и дека мора повторно да стане партија што ги обединува луѓето, наместо да ги губи. Неговата порака завршува со повик за единство, одговорност и нов почеток — и со јасна понуда лично да ја преземе одговорноста што, според него, ја бара моментот.
Така, додека партиското раководство го истакнува процентуалниот раст, Мицковски го исмева претворањето на неуспехот во „консолидација“, а Ацо бара одговорност и нуди да учествува во обновувањето на партијата.

Македонски

