
Поранешниот функционер на СДСМ, Ивор Мицковски, со нова остра објава на социјалните мрежи повторно го прозва лидерот на партијата Венко Филипче, обвинувајќи го дека се обидува да ги прикаже лошите изборни резултати како успех и дека со таквиот пристап ѝ нанесува дополнителна штета на опозицијата.
„Ти братко можеш до утре да бидеш задоволен и да си правиш весели математики на кои луѓе ти се смеат, а неколку будали околу тебе ти ракоплескаат“, пишува Мицковски, алудирајќи на толкувањата на партиското раководство за резултатите од изборите во Брвеница.
Тој коментира дека Филипче мора да е задоволен и треба да е, пошто работи за газда кој го држи на слобода и го спасува од кривична одговорност, нагласувајќи дека сите други во државава кои и мислат нешто добро на земјава, на народов и на самите себе, се далеку од задоволни.
Како и да е, да бидеш до волку кловн и будала не може секој, затоа си црпнат таму каде што нетреба и правиш тоа што не смее.Никој друг не би можел, не би си ни дозволил, не би ни замислил дека нешто вакво е возможно – пишува Мицкосвски, а црпнувањето намерно или не потсетува на екслидерот, кој за себе рече дека е црпнат од нива, Зоран Заев.
Во објавата тој оди и чекор понатаму, оценувајќи дека проблемот не е само во изборниот пораз на СДСМ, туку и во тоа што партијата, според него, не успева да понуди вистинска опозиција на актуелната власт.
„Оваа дрскост, ова играње со можноста и способноста на луѓето да имаат вистинска опозиција, е полошо и погадно и од катастрофалната власт за која работиш, зошто си двојна штеточина, одржаваш катастрофа и симулираш дека си против неа“, наведува Мицковски.
Тој го обвинува Филипче дека е задоволен од состојбата во која се наоѓа партијата и упатува остри критики за неговото раководење, доведувајќи ја во прашање и неговата политичка позиција. Објавата завршува со навредлив израз упатен кон лидерот на СДСМ.
„Шлеперов пак четврта партија“
Новата реакција доаѓа ден по изборите во Брвеница, каде што кандидатот на СДСМ, Јовица Радески, освои 706 гласа, односно 9,33 проценти, и заврши на четвртото место. Победник во првиот круг беше кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, со 2.943 гласа.
По објавувањето на резултатите, Мицковски веќе упати иронична порака до Филипче, коментирајќи ги тврдењата за раст и консолидација на партијата наспроти изборниот резултат.
„Губиме 4:1, а јас им го рециклирам муабетот од локалните: ВМРО тоне 13%, ние растеме 46%. Шлеперов пак 4-та партија… Зборот неуспех ќе се замени во македонскиот речник со зборовите консолидација или раст“, напиша тогаш Мицковски.
Неговите критики се надоврзуваат на пошироките реакции во и околу СДСМ за состојбата во партијата и начинот на кој раководството ги толкува изборните резултати. Во фокусот е разликата меѓу пораките за раст и консолидација што ги испраќа партиското раководство и незадоволството кај дел од членството и поранешните функционери.
Новата објава на Мицковски е уште една јавна критика кон Филипче во период кога изборниот резултат во Брвеница повторно ги отвори прашањата за политичката позиција на СДСМ, состојбата во партијата и способноста на актуелното раководство да ја консолидира опозицијата.

Македонски

