Skip to main content

Филипче за Алта банка: Па нели немаше проблем, зошто се бара решение?

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната собраниска седница за пратенички прашања го повика премиерот Христијан Мицкоски да одговори со кого го направил договорот за влез на Алта банка во Македонија обвинувајќи ја власта дека ги загрозила средствата на граѓаните и компаниите.

Филипче оцени дека Мицкоски свесно избрал политика на манипулации, контрола и дезинформации наместо одговорно владеење и грижа за интересите на граѓаните.

Тој порача дека нема да отстапи пред заканите и дека неговата позиција е во одбрана на интересите на Македонија.

Филипче го обвини Мицкоски дека власта го донела проблемот со Алта банка во државата, а сега се обидува да ја префрли одговорноста.

– Ја носите тука Алта банка, најкриминалната банка во Европа. Банката во која Вучиќ переше пари и имаше пари од шверц на дрога, руски пари, забранети се секаде во Европа, а вие тука ги донесовте. Давор Мацуа еднаш го запреле преку едната компанија, па после тоа сте го пуштиле да влезе тука преку банката. Што се случи во меѓувреме? И после велите: „Увезен е проблемот“. Па, да, па вие го увезовте тој проблем. Вие ги загрозивте парите на граѓаните, на компаниите и така натаму. И сега се бара некое решение. Па нели немаше проблем? Зошто се бара решение? Моето директно прашање е: со кого го направивте „дилот“ за влез на Алта банка во државата? – рече Филипче.

Поврзани вести