
Во Македонија постепено расте интересот за замрзнување јајце-клетки, особено кај жени со повисоко образование и професионални обврски кои го одложуваат мајчинството. Сепак, во споредба со развиените земји, свесноста и достапноста на оваа процедура сè уште се ограничени, што укажува на потреба од дополнителна едукација и институционална поддршка, вели во интервју за „Република“ проф. д-р Глигор Тофоски, раководител на Одделот за репродуктивна хирургија и хумана репродукција на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.
Д-р Тофоски истакнува дека грижата за репродуктивното здравје треба да почне пред планирањето на бременоста, а младите мора да бидат свесни дека плодноста не е неограничена. Многу е важен здравиот начин на живот, исхраната, физичката активност и избегнување на штетни навики кои може влијаат на плодноста.
Инфертилитетот е проблем на парот, а не исклучиво на жената или мажот, вели д-р Тофоски. За замрзнување на јајце-клетките најдобар период е пред 35-тата година. Замрзнатите јајце клетки можат да се чуваат долгорочно без значително да се намали нивниот потенцијал, објаснува д-р Тофоски во интервју за „Република“.
Колку е важно да се внимава на здравјето многу години пред да се донесе одлуката за забременување
Д-Р ТОФОСКИ: Грижата за репродуктивното здравје треба да започне значително пред планирањето на бременост. Факторите како хормоналниот баланс, телесната тежина, присуството на хронични заболувања и животните навики имаат кумулативен ефект врз плодноста. Раната превенција и одржување на здрав начин на живот директно ја зголемуваат веројатноста за успешна и здрава бременост.
Што би им советувале на младите од 20 до 30 години кои можеби воопшто не размислуваат за дете?
Д-Р ТОФОСКИ: Иако периодот од 20 до 30 години е најповолен за репродукција, важно е младите да бидат свесни дека плодноста не е неограничена и може да се наруши под влијание на различни фактори. Затоа, се препорачува редовно гинеколошко и уролошко следење, навремено лекување на инфекции и хормонални нарушувања, како и заштита од сексуално преносливи болести.
Истовремено, здравиот начин на живот – правилна исхрана, нормална телесна тежина, физичка активност и избегнување на штетни навики – има директно влијание врз зачувување на плодноста. Дополнително, важно е да се има основна информираност дека со возраста репродуктивниот потенцијал опаѓа, па затоа информираното планирање и навремената консултација со стручно лице се од клучно значење.

Зошто е важно редовно гинеколошко следење за во иднина да се надминат одредени проблеми?
Д-Р ТОФОСКИ: Редовните гинеколошки прегледи овозможуваат рана детекција на состојби како синдром на полицистични јајници, ендометриоза, инфекции или преканцерозни промени. Навременото дијагностицирање и третман значително ги намалуваат ризиците од неплодност и компликации во бременоста.
Според расположливите информации, 60% девојки наспрема 40% момчиња имаат проблем за фертилитетот. Како ги коментирате овие бројки?
Д-Р ТОФОСКИ: Современите податоци укажуваат дека причините за инфертилитет се речиси подеднакво распределени меѓу двата партнери. Овие бројки може да варираат зависно од популацијата и методологијата, но важно е да се нагласи дека инфертилитетот е проблем на парот, а не исклучиво на жената или мажот.
Дали е потребно да се креираат протоколи за предконтрацепциско советување?
Д-Р ТОФОСКИ: Да, воспоставувањето на стандарди и протоколи за предконцепциско советување е од суштинско значење. Овие протоколи би овозможиле систематска проценка на ризиците, оптимизација на здравствената состојба и едукација на пациентите, што резултира со подобри репродуктивни исходи.
Колку возраста е ризик-фактор?
Д-Р ТОФОСКИ: Возрастa претставува еден од најзначајните фактори за плодност, особено кај жените. По 35-тата година се забележува постепен пад на оваријалната резерва и квалитетот на јајце клетките, додека по 40-тата година овој пад е значително изразен. Истовремено се зголемува ризикот за спонтани абортуси и хромозомски абнормалности.
Дали начинот на живот има значајно влијание врз плодноста?
Д-Р ТОФОСКИ: Да, факторите како хроничен стрес, неправилна исхрана, физичка неактивност, пушење и прекумерна употреба на алкохол имаат значајно негативно влијание врз репродуктивната функција кај двата пола. Здравиот животен стил е важен модифицирачки фактор кој може да ја подобри плодноста.
Што претставува замрзнување на јајце клетки и кои жени се најдобри кандидатки?
Д-Р ТОФОСКИ: Замрзнувањето на јајце клетки (криоконзервација на ооцити) е процес при кој јајце клетките се извлекуваат од јајниците и се чуваат на многу ниски температури за идно користење. Најдобри кандидатки се жени кои сакаат да го одложат мајчинството, како и пациентки со малигни заболувања или состојби кои можат да ја компромитираат оваријалната резерва.
Кога е најдобро време за замрзнување на јајце клетки и колку долго се чуваат?
Д-Р ТОФОСКИ: Најдобар период е пред 35-тата година, кога квалитетот и бројот на јајце клетки се најдобри. Замрзнатите јајце клетки можат да се чуваат долгорочно (дури и повеќе од 10 години), без значително намалување на нивниот потенцијал, доколку се користат современи техники како витрификација.

Каков е интересот за замрзнување јајце клетки во Македонија?
Д-Р ТОФОСКИ: Интересот постепено расте, особено кај жени со повисоко образование и професионални обврски кои го одложуваат мајчинството. Сепак, во споредба со развиените земји, свесноста и достапноста на оваа процедура сè уште се ограничени, што укажува на потреба од дополнителна едукација и институционална поддршка.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Приватна архива

Македонски



