
Денеска во Македонскиот народен театар (МНТ) започнаа пробите на претставата „Три сестри“, според истоимената драма на А.П.Чехов, а во режија на Нела Витошевиќ.
Текстот е на Васил Христов и Витошевиќ, а драматургијата е на Викторија Рангелова – Петровска.
Играат: Ирина – Дарја Ризова; Маша – Наталија Теодосиева; Олга – Верица Недевска; Андреј – Дамјан Цветановски; Александар – Благој Веселинов; Иван – Емил Рубен; Игор – Ивица Димитријевиќ; Наташа – Нина Деан и Никола – Антонио Ташковски.
Новата постановка на „Три сестри“, ја преиспитува денешната стварност преку лепеза карактери заробени помеѓу спомените, изгубените идеали и копнежот по поинаков живот. Претставата отвора прашања за распаѓањето на општествените вредности, емиграцијата, осаменоста и чувството на живот во постојано одложена иднина. Во овој новонастанат текст, инспириран од истоименото дело на Чехов, сцената станува простор за соочување со кризите на нашето време — ерозијата на хуманизмот, пропаѓањето на надежта и постепеното уништување на интелигенцијата во современото општество, велат од МНТ.
Преку судбините на ликовите, претставата проговорува за генерации, кои живеат помеѓу желбата за бегство и неможноста да се замине, меѓу љубовта и разочарувањето, помеѓу личниот пораз и поширокото општествено распаѓање.

„Три сестри“ е претстава за распадот на едно семејство и едно време, но и за пошироката криза на светот во кој знаењето, мислата и хуманизмот стануваат сè помаргинални вредности. Истовремено, ова е и претстава за упорниот човечки обид, и покрај сè, да се сочува достоинството и вербата дека е можен поинаков свет.
На првата проба се обрати Никола Кимовски, директорот на Македонски народен театар, истакнувајќи дека со особена радост и возбуда започнува нов творечки процес со режисерката Нела Витошевиќ. Тој нагласи дека тешко би можел да се замисли поидеалена поделба на улогите, потенцирајќи дека секој член на екипата, без исклучок, претставува суштински и драгоцен дел од целината.

Македонски



