
Работник во нуклеарната централа Запорожје загина во напад на украински дрон, соопшти денеска централата.
„Како резултат на напад од дрон на вооружените сили на Украина на територијата на транспортната работилница, возачот е убиен“, се вели во објавата на платформата Макс, пренесуваат руски медиуми.
Управата на централата вети дека ќе обезбеди помош и поддршка на неговото семејство.
„Ова е ужасна и непоправлива загуба. Длабоко тагуваме со семејството и пријателите на починатиот. Секој напад врз нуклеарните централи претставува закана не само за луѓето, туку и за безбедноста воопшто. Ова е удар врз животите и иднината“, соопшти прес-службата на централата.
Директорката за комуникации Евгенија Јашина изјави дека местото на инцидентот се наоѓа во индустриска зона надвор од индустрискиот комплекс на централата.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска објави дека нејзиниот тим на лице место ќе ги истражи околностите под кои „еден возач беше убиен во напад со дрон во нуклеарната централа Запорожје“.
„Нуклеарната централа Запорожје нè информираше дека еден возач беше убиен во напад со дрон утрово во нивната транспортна работилница во близина на локацијата на централата.
Генералниот директор Рафаел Гроси повторува дека нападите врз или во близина на нуклеарните централи можат да ја загрозат нуклеарната безбедност и не смеат да се случат. Тимот на МААЕ на лице место ќе го истражи инцидентот и ќе продолжи да ја следи ситуацијата“, се вели во соопштението објавено на платформата „X“.
Нуклеарната централа Запорожје, која се наоѓа на територија контролирана од Русија во Украина, е во близина на фронтовската линија и моментално е надвор од употреба, а ја управува руската компанија Росатом од 2022 година.

Македонски



