
Жителите на Чешиново – Облешево добија нов, модерен простор за рекреација на најмладите, што е резултат на директна иницијатива на жителите на општината. Преку серијата Форуми во заедницата, граѓаните сами го идентификуваа недостигот на детско игралиште како клучен приоритет, потврдувајќи дека кога заедницата активно учествува во одлучувањето, локалните политики одговараат на реалните потреби.
Детскто игралиште, во вредност од 2.4 милиони денари, е изградено во рамките на проектот „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“, финансиран од Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа и ко-финансиран од општините, а спроведен од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
За министерот за локална самоуправа, Златко Перински, форумскиот начин на избор на проекти, преку кој директно се слушаат потребите на граѓаните, претставува значајна демократска алатка што се предвидува и во измените на Законот за локалната самоуправа. Како што нагласи министерот „Поставивме јасна цел за воспоставување на постојана координација и соработка меѓу сите надлежни институции и донаторската заедница, со цел заеднички да ги насочуваме ресурсите таму каде што се најпотребни, водејќи се од заедничката визија за развој на државата и исполнување на стратешките приоритети“.
Како донатор, Швајцарија има долгорочни заложби околу децентрализацијата и работата на локално ниво, потврди амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Зомер, најавувајќи и нови иницијативи. „Швајцарија e долгорочен партнер на Македонија во зајакнување на локалната самоуправа. Еден од највпечатливите резултати на ова партнерство се форумите во заедниците кои треба да се институционализираат и станат редовна пракса. Неодамна започнавме нова програма наречена „Заедници со интегритет“, во која заедно со Владата на Шведска работиме на зголемувањето на интегритетот на локалните самоуправи и се надеваме дека ќе успееме да вклучиме што е можно повеќе општини.“ рече Зомер.
Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) е имплементатор на проектот „Зајакнување на општинските совети“. Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан вели дека посветеноста на развој на локалната самоуправа е видлива преку конкретните резултати. „До сега 54 општини реализираа приоритетни проекти како овој во општината Чешиново – Облешево. Општините исто така добија и нова ИТ опрема, со која се зголемува транспарентноста на работата на општинските совети, а советниците и општинската администрација се дел и од програмата за јакнење на капацитетите.“ вели Григорјан.
Новото игралиште во Облешево е многу повеќе од обична инфраструктура и претставува вистинска пресвртница во квалитетот на секојдневниот живот за локалните семејства. Иван Богданов, еден од најгласните застапници за оваа идеја во текот на форумските сесии, се потсетува на моментот кога неговиот предлог доби поддршка од заедницата. Неговата лична приказна е огледало на желбите на сите родители во селото „Имам четиригодишно дете кое, како и секое друго дете, сакаше да си игра на лулашки и тобогани. Бидејќи во нашето село немавме соодветен простор, сопругата и јас секојдневно моравме со автомобил да го носиме до Кочани само за да може да си игра со другите деца. Тоа беше исцрпувачки и за детето и за нас како родители. Затоа, кога се отвори можноста преку Форумите да одлучуваме за општинските пари, го предложив проектот. Денес, моето дете си игра тука, во нашето маало, со своите другарчиња,“ вели тој.
Анастасија Нецинова, ученичка во петто одделение, вели дека просторот им го променил начинот на кој го поминуваат слободното време:
„Доаѓаме тука секој ден по училиште. Многу ни е убаво што конечно имаме наше место. Но, не само што си играме, туку се договоривме и да го чуваме. Ги учиме помалите деца дека не смее да се фрлаат отпадоци и дека треба да ги пазиме реквизитите за да ни траат долго. Ова е наше и сакаме да остане чисто и убаво,“ вели Анастасија.
Градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево, Јорданче Костадинов, кажа дека локалната самоуправа направила дополнителни напори за овој простор да биде мултифункционален.
„За да одговориме на барањата на граѓаните, направивме измени во првичниот план со цел просторот да биде максимално безбеден и соодветен за децата. Ова не е само игралиште – овој дел од селото сега ни служи како центар за различни собири, вклучувајќи и прослави и маалските дружења кои претходно немавме каде да ги организираме. Планираме и нови интервенции, дополнително зеленило и урбана опрема за овој локалитет да стане вистинско јадро на Облешево,“ изјави градоначалникот.
Проектот „Зајакнување на општинските совети“ продолжува да ги зајакнува капацитетите на советите и да ја зголемува транспарентноста. Преку Форумите во заедницата, граѓаните не само што добиваат конкретни проекти, туку директно учествуваат во одлучувањето како се трошат средства на општините, со што се гради меѓусебна доверба и подобра иднина за сите.

Македонски


