Skip to main content

Колективна авторска порака за македонската театарска заедница по повод 27 март, Светскиот ден на театарот

Театарот е полн магацин со крилја, исто како во соништата.

Наш „магацин“ еднаш беше една стара куќа, на улица во Скопје, сите ние верувавме дека е театар, немавме многу услови, но имавме силен мотив и голема желба за независен театар.
Таму имавме проби, игравме претстави, публиката доаѓаше и ги носеше тие магични крилја заедно со нас, во тие четири ѕида кајшто учевме да летаме, а само така сонувавме и така растевме – театарски и со љубов. Тоа ѝ за нас ѝ за нив во тој момент беше апсолутен театар.

Публиката имаше потреба за тоа, имавме и ние голема потреба од тоа. И сега е исто. Ништо не се сменило, освен локацијата.
Театарот е потреба од човечка природа.

Не е важно местото, важна е идејата и суштината.

Денес генерално и често ги затвораме вратите веднаш по аплаузот, ги гасиме светлата, а театарот не е филм.

Тој е сега и овде, жив и право во очи. Отвора важни разговори и буди теми за кои мора и вреди отворено да се зборува. Публиката не доаѓа да гледа совршенство, таа доаѓа да препознае искреност и чиста вистина. Театарот треба да се создава од вистинска потреба.

Од радост. Од немир. Од немоќ. Од љубопитност.

Од желба да се разбере светот што постојано се менува.

Ако не зборуваме за времето во кое живееме преку новото и старото напишано, тогаш за кое време да зборуваме?

Без разлика дали сме на голема сцена или во мала импровизирана сала, соба, простор… прашањата се исти: Зошто го правиме ова? Зошто раскажуваме приказни?

Кој е поривот и страста за тоа?

Она што нè поврзува сите нас е приказната. Доволно е еден да раскаже, а друг да слушне.
Но дали денес доволно зборуваме и слушаме во театар, но и во секојдневието?

Театарот е имитација на животот во едно општество или средина, но и негово преиспитување
и треба да се искористи за преку него гласно да се зборува за промени, зашто во обичниот живот нема тонец што ќе ни пушти музика, нема брз расплет за да ги разреши работите, нема сценограф да го нацрта и оживее светот што ни е потребен.

Вистинскиот живот е тежок, убав, тажен, краток или долг, театарот отсекогаш го анализирал,
го лекувал и нудел утеха, посочувал кон желба за промена и носел провокација.

Ако четвртиот ѕид ни пречи, веднаш да го срушиме, свесноста за публиката и взаемното присуство нè прави поголеми во идејата да спасиме или разубавиме барем еден живот, еден момент, да разбудиме барем една мисла, да поставиме и претставиме барем еден сон.

Театарот е љубов и сила што се негува во човекот, длабоко внатре. Тој не е зградата, не е технологијата, тој е уметниците, целиот театарски тим и публиката.

Тој е место каде крикот е дозволен и посакуван. Место каде душата се расцепува, а токму во тој подвиг се раѓа восхитот од потрагата по вистината и автентичноста која недостига.

Театарот треба да биде магацин со многу крилја. Простор во кој ќе се сонуваат храбро соништата, ќе се преживуваат болките, немирите, паѓањата, ќе се поставуваат и одговараат прашањата – и од кој секој може да земе крилја за да полета. Само таму може да се лета вистински, слично како во соништата.
На крајот на краиштата театарот не ни мора да донесе било каква промена, доволно е да се почувствува неговата единственост и несовршеност.

Театарот е сон, за секој што умее да сонува, било да е на сцена или во публика.
Да гледаш театар значи да сонуваш. Да се занимаваш со театар значи да се валкаш со прашина, со шминка, со песок, со крв и пак да сонуваш. Да се откажеш од нормалното за да живееш нешто ненормално, но вистинско. Тоа е љубов, пасија и начин на живот. Убава болка што те уништува и те разубавува истовремено, жртвата е огромна колку и неговата моќ како медиум.
Театарот е копнеж и детска невиност, ако престанеме да сонуваме сѐ ќе престане да постои.

Приказните што ги раскажуваме на сцената не се некое бегство од реалноста, тие се начин да ја поднесеме, да ја преиспитаме и понекогаш да ја промениме, но повторно преку сон исполнет со многу вистина.

Секој лик е огледало. Секоја сцена е можност за средба со себеси, со ликот…
Нам ни е потребен достапен, континуиран и искрен театар.

Да се турка со глава во ѕид упорно и бескрајно, сѐ дури не допре раскажувањето на приказната.
Секој човек ја заслужува оваа жива уметност, театарот отсекогаш бил повеќе од сцена, текст или улога.
Тој е момент на будност, простор во кој времето запира, сѐ друго се стишува и останува радоста дека сме живи, овде и сега. Театарот е будење на свест низ препознавањето, низ тишината, низ невидливата нишка меѓу сцената и гледалиштето, каде што душите ни оживуваат со вдишувањето на театарската прашина.

Тоа е неговата магија. Но магијата се губи кога уметниците и талентите зависат од политиката и „таквите“ „специјални“ контакти, кога наместо квалитетот и вредноста одлучуваат ситните политики, кога талентирани млади луѓе се принудени да ја напуштат земјата или професијата затоа што немаат „отворена врата“ низ која да влезат, но за среќа ги има многу што се борат храбро.

Театарот не смее да стане затворен круг и не треба да ги отсекува или крати крилјата на оние кои умеаат и сакаат да летаат.

Тој мора да остане отворен простор за способност и чесност.
Само така магијата ќе опстане и ќе продолжува низ генерации и векови.

Тој нè учи повторно да бидеме и останеме луѓе. Да гледаме право во очи. Да носиме крилја и да летаме со нив. Да се обединиме околу приказната. Да си дозволиме да бидеме деца. Да си играме верно и да бидеме човечни. Тој е борба.

Театарот нуди вистина и сон за оној кој прифаќа и верува.
Да поставуваме преку него вистински прашања, да трагаме храбро по непознатото, да го следиме времето, да завземеме став, а не да бидеме „слепи“ во создавањето, за да биде цврсто, вистинско и значајно.

Дали сме навистина храбри во овој свет кој моментално го живееме? Умееме ли и покрај сета болка уште да сонуваме? И дали можеме да се опуштиме до тој степен за да сонуваме? Дали можеме вистински да плачеме? Дали искрено се радуваме? Дали знаеме сеуште да љубиме?
Или ќе дозволиме и тоа вештачката интелигенција да го направи за нас?
Уште колку жртви ќе поднесе светот дури се разбереме дека само човечноста и искреноста ќе ги спаси сите, кои треба да се главните одлики на театарската уметност, зашто е жива, сеприсутна и повеќе од потребна.

И ако некогаш се изгубиме во нашиот свет, да се вратиме во магацинот со многу крилја.
Да земеме едни и да полетаме повторно. Да трагаме по патот на вистината преку зборот и актерската игра.
И да го живееме театарот – сонувајќи храбро, патувајќи искрено и заедно.
Среќен Светски ден на театарот.

Да живее!
Бобан Алексоски, Тамара Стојаноска, Надица Петрова и независниот колектив
на театар „Златен Елец“ Скопје 5.03.2026

Поврзани вести