Skip to main content

Промоција на романот за деца „Сам во рој“ од Иван Дричко

Романот за деца „Сам во рој“ од Иван Дричко ќе биде промовиран в четврток (19 февруари) во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“, во рамките на „Денови на литературата“.

Книгата е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, и влезе во потесниот избор за наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади за 2025 година. Промотори на книгата ќе бидат уредничката Оливера Ќорвезироска и писателот Ермис Лафазановски (победник на конкурсот „Оливера Николова“ за 2025 година).

„Сам во рој“ е приказна за едно посебно дете и неговата страст за инсектите како надомест за пријателите што ги нема, приказна за осаменоста и за летањето спроти ветрот на еден Љубомир од Скопје кого сите неслучајно го викаат Буба. Различноста на Буба во ниту еден миг не ги исклучува неговата добрина и хуманоста. Напротив, „Сам во рој“ е благ роман-одговор на повеќе горчливи прашања на нашето време, бубариум на знаењето што никогаш не штети, туку секогаш помага и штити во надминувањето на предизвиците.

Иван Дричко е псевдоним на Сашо Кокаланов, новинар, романописец и драмски автор. „Сам во рој“ е негова втора книга за деца, по сликовницата „Непотизам“, објавена во едицијата „Големи зборови за мали уши“.

Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн на www.literatura.mk.

Поврзани вести