Skip to main content
ВМРО-ДПМНЕ ПОТСЕТУВА

За две години зголемени плати на полициски службеници, социјални работници, на вработените во образование, здравство

ВМРО-ДПМНЕ е на страната на работникот. Во опозиција со давање јавна и недвосмислена поддршка на синдикатите за барањата за зголемување на платите, а од позиција на власт со договори за конкретно покачување на платите, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ

Како што ВМРО-ДПМНЕ ги поддржуваше синдикатите и работниците во опозиција кога протестираа во 2020 и 2024, така и сега преку дијалог и разговори прави сè во рамките на можностите платите да растат.

Разликата е во тоа што ССМ од тогашната влада на СДС, во услови на двоцифрена инфлација, бараше линеарно покачување на платите во јавниот сектор од 2.806 денари, а Владата на ВМРО-ДПМНЕ ги зголеми за многу повеќе.

Со преземањето на власта средбите со синдикатите се интензивираа и како резултат на тоа се спречија штетните политиките од претходната власт, се потпишаа колективни договори и се покачија платите секаде каде што државата е работодавач.

Во период од речиси две години од преземањето на власта до денес се потпишаа колективни договори во образование и здравство, каде што платите на сите вработени во основно и во средно образование до крајот на мандатот ќе добијат покачување од 46 до 60 %, вработените во високото образование добија покачување од најмалку 14 %, а здравствените работници ќе добијат од 40 до 50 % повисоки плати.

За 10 % се зголемија платите на полициските службеници, социјалните работници добија 20 % повисоки плати, а преку посебни колективни договори вработените во Генералниот секретаријат и СОЗР добија 30 % зголемување.

Речиси 11.000 вработени во администрацијата, судовите и обвинителствата се опфатени со историски договор, кој гарантира системско покачување на платите за 40 % до 2028 година.

Освен на централно ниво, ВМРО-ДПМНЕ покажа како се грижи за работниците и нивниот стандард и на локално ниво, така што во општините раководени од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, во просек, платите на сите вработени се зголемени за речиси 5.000 денари.

Во целост се почитувани сите колективни договори, кои претходната власт ги игнорира во одбраната, културата и други институции и нема доцнење на платите како во времето на СДС и ДУИ кога вработените со месеци беа без приходи.

Сите овие зголемувања на платите се многу поголеми од она зголемување што тогаш го бараше ССМ, а уште поважно до крајот на мандатот ќе го надмине целосно барањето што сега го има Слободан Трендафилов.

Од друга страна, во согласност со законот, во март годинава ќе се зголеми и минималната плата, а секое друго зголемување мора да се договара институционално, во Економско-социјалниот совет, меѓу работодавачите и синдикатите и Владата како посредник.

Преку дијалог да се дојде до одржливо решение, прифатливо за сите вклучени страни, како за работодавачите, работниците, за буџетот и стопанството во целост.

Ултиматумите и блокадите на СДС не му служат на работникот, туку само на Трендафилов и малкумината околу него кои градат кариери и профитираат на грбот и маката на обичниот работник.

Владата ќе продолжи со својата заложбата и креирање политики за поголем економски раст кој ќе овозможи уште поголем раст на платите, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните.

Поврзани вести