
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, упати честитка во која порача дека идеалите на македонските револуционери остануваат траен аманет и обврска за сегашните и идните генерации.
Ѓорѓиевски денеска положи венец свежо цвеќе на Споменик на основачите на ВМРО, во паркот „Жена борец“ во Скопје.

-ВМРО е непокор. Македонија е аманет. Слободата е завет! Честит и вековит нека е 23 Октомври, денот кога со гордост се поклонуваме пред храброста на оние што својот живот ѝ го посветија на Македонија. Постојат идеали што времето не може да ги избрише. Постојат завети што генерациите ги носат како најсвета должност. Таков е идеалот за слободна, самостојна и достоинствена македонска држава. Таков е аманетот на македонските револуционери – објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.
ВМРО, порача Ѓорѓиевски, е темел вграден во македонската борба за државност.

-ВМРО е непокор и пркос, решителност да се истрае и тогаш кога цената на слободата е сопствениот живот. Во неговото историско име живее стремежот на генерации Македонци, да бидат свои на своето. Денес, нашата должност е тој аманет да го продолжиме со дела. Да ја чуваме татковината, да го негуваме македонскиот јазик, да ги браниме достоинството и слободата и да создаваме држава во која нашите деца ќе ја гледаат својата иднина. Пред жртвата на јунаците се поклонуваме. Пред одговорноста за Македонија стоиме исправено – напиша Ѓорѓиевски.
Нека биде вечен споменот за нивната борба и нека биде неугаслив пламенот на нивните идеали. – За многу години 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба. Да е вечна Република Македонија, порача Ѓорѓиевски.

Македонски

