Skip to main content

Мицкоски за шнајдерите на историјата што мислат дека со вето можат да ни ја прекројат историјата: Нашето паметење не подлежи на нивно одобрување

Многу е важно како ја градиме нашата држава и во кој правец се движи. И многу е важно да бидеме високо свесни за тоа какви последици имаме од минатото и какви планини сакаме да поместиме. А верувајте, откако ја презедов оваа функција, сите говорат за желбите, за тоа каде би можеле да бидеме, но малкумина говорат за планините кои ги носиме и проблемите кои ги наследивме, истакна премиерот Мицкоски во говорот за Денот на македонската револуционерна борба.     

И тие проблеми не дојдоа наеднаш, туку се наследувани и многу малку решавани во минатото. Затоа што се немало искреност и чесен пристап. А многу често политичките елити се забораваа и на кантар ги ставаа работите кои не само што не се продаваат, туку се дел од нашиот код и од она што во суштина сме , објасни Мицоски.

Според него, на овој ден особено јасно ја чувствуваме вредноста на македонското име, јазик, култура и историско паметење. Во нив се собрани животите на нашите предци, зборовите на нашите мајки и татковци, сето она по кое се препознаваме и што сакаме да им го пренесеме на нашите деца.

  Како претседател на Владата, имам обврска тоа достоинство да го застапувам мирно, јасно и доследно. Да разговараме со сите со почит и да бараме почит за нас. Да градиме пријателства и соработка, сигурни во тоа кои сме. Верувам во европската иднина на нашата земја и во вредноста на Европа во која различните народи се почитуваат меѓусебно. Нашето место таму треба да го градиме со реформи, со знаење, со силни институции и со зачувано национално достоинство. Нашите граѓани заслужуваат перспектива во која ќе можат да веруваат и пат по кој ќе чекорат исправено.

          Истата зрелост ни е потребна и дома

  Воедно ја споделувам загриженоста на секое едно лице кое го гледам овде пред мене и секој ден низ местата кои ги посетувам. Но и измореноста на сите генерации од предолгото чекање во чекалницата на ЕУ. Го врвиме не само најтешкиот туку и најдолгиот пат кон ЕУ, обременет со многу откажувања, поместувања и неправедни удари. Големите го прават тоа што сакаат, а слабите тоа што мораат. И ова не е флоскула од учебниците, туку извадок од реалната политика денес. Но иако многумина веќе се скептични и уморни од услови, критериуми, билатерални спорови, ќе мора да бидеме мудри. За малубројните  народи, иднината е во мудроста и единството. Јас на политиката не гледам како на натпревар во мускули, туку повеќе како на партија шах. И големите се победуваат со мудрост. Со мудрост може да има иднина, кога веќе природната предодреденост, поставеноста и геополитиката не нудат сила.

За спорот со Бугарија

Затоа често пати ми велат: „Напушти ги преговорите!“ Лесно е да се каже, но така ја отфрламе единствената шанса да влеземе во клубот и да разговараме рамноправно на истата маса. А зошто е важно да влеземе во европскиот клуб и на таа маса да разговараме рамноправно? Затоа што низ примерите на соседите кои веќе влегоа во Унијата, а се таму години пред нас и ни создаваат пречки, гледаме колку е важно да бидеме таму. Нашиот источен сосед сè до нејзиниот влез немаше ниту една забелешка за добрососедските односи. Сè дотогаш не го поставуваше прашањето…никој не знаеше за барем еден случај на обесправен самодеклариран Бугар во државава, иако денес лелекаат за неколку, ниту пак некој од нив велеше дека Гоце, Јане, Карев, Ѓорче се Бугари. И сè така до влезот во Европската Унија, кога влегоа во просторијата каде што не сме ние и од каде што сега ги користат сите механизми да нè закочат, објасни премиерот.

   Ете затоа е важно да бидеме и ние таму и таа наша борба за таа цел мора да биде исполнета со мудрост, знаење и единство. И ова не го кажувам за да ги посочам неправедните игри спрема нашата татковина, туку поради потребата да бидеме трпеливи и да играме и дејствуваме на долги стази. И затоа, кога многумина ќе кажат: „Млаки сте“, треба да знаат дека дејствуваме трпеливо и со мудрост. Мојата задача како претседател на Владата не е да се занимавам со коски кои припаѓаат на минатото, туку со обезбедување иднина која им припаѓа на нашите деца. Да учиме од грешките од минатото. И затоа седнавме на маса за дијалог, од која тие толку долго бегаа и велеа дека тоа е невозможно.

  Тој убедува дека нема да падне во замките на разните служби и на провокациите прикажани преку итроманските игри.

На неразумните чекори одговарам со разум, на провокациите со принципи, на притисоците со отпорност и верба во она што сме и што претставуваме. Не треба секогаш на прва да се реагира и јас не трчам трка на 100 метри, туку маратон, и на тој маратон ќе победиме како многупати досега. Никогаш досега не се покајав за тоа што водам промакедонска политика. И не постои цена на овој свет која може да ме поколеба и да ме оттргне од таа траекторија која што заедно со вас ја газиме и ќе продолжиме да ја газиме, затоа што тоа е исправната траекторија.

   А оние кои се шнајдери на историјата… што мислат дека со вето можат да ни ја прекројат историјата, им порачувам: нашето паметење не подлежи на нивно одобрување. Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на народот. Затоа што Гоце е вткаен во нашата борба, во нашата слобода, во нашето постоење…..

     Балканот не е единственото буре барут

Европа станува немирен вулкан. Сè помалку се слуша разумот, а секојдневно ги гледаме и протестите и насилството од разни облици присутни во Европа и кај нашите соседи. А на Балканот службите никогаш не престануваат да работат. И нема да ме зачуди доколку има и такви кои ќе се обидат да нè вмешаат во нивните проблеми или да префрлат дел од нивниот амбиент во нашето секојдневие. А што се однесува до домашни актери за таква игра, тоа е многу лесно. Има неколку од опозицијата, што за пари и лажни ветувања за фотелја чуда умеат да прават.

          И затоа е многу важно народот да е високо свесен, да не потпаѓа на разни провокации, да не се наметнуваат вештачки прашања или хиперболизирани етнички теми. На тој начин профитерите од таквите кризи нема да бидат меѓу народот, туку оние кои со децении живеат на грбот на народот. И затоа нема да дозволам никакви нечесни игри ниту авантури. И ако некој мисли дека може да си игра со државата, нека не ја потценува државата ниту пак народот.

  Ќе има тешкотии и ќе има одлуки за кои ќе се водат сериозни расправи. Нашата обврска е да објасниме, да сослушаме, да признаеме кога нешто треба да се поправи и да го поправиме. Држава се води со отворени очи за стварноста и со чувство за животот на луѓето, заврши со говорот премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани вести