
Рутинскиот ултразвучен преглед не е секогаш доволен бидејќи не е специјализиран за детална проценка на срцето на бебето, поради што одредени сериозни срцеви мани може да останат непрепознаени, особено ако не се бараат активно и детално. Токму затоа феталната ехокардиографија претставува посебен, насочен преглед кој не бара само високо ниво на стручна едукација и искуство од страна на лекарот, туку и ултразвучна апаратура со висока резолуција, вели во интервју за „Република“ д-р Ана Марија Шпишиќ – Пушевска, специјалист гинеколог акушер, началничка на одделот Патолошка и високоризична бременост во ЈЗУ по Гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир.
Мојата специјализација по гинекологија и акушерство ја завршив во болницата „Свети Дух“ во Загреб – институција која на посебен начин ве заразува со љубовта кон ултразвукот и пренаталната дијагностика. Таму постои силна ултразвучна школа основана од проф. Курјак, од која произлегоа бројни светски признати експерти како проф. Јурковиќ, проф. Алфиревиќ и проф. Купешиќ. По враќањето во Скопје се најдов во средина каде што имаше и простор и потреба да го применам сето она што го научив.
Доедукација ја продолжила повторно во Загреб, кај доц. Рајка Лулиќ Јурјевиќ, која со текот на времето ѝ станала не само ментор, туку и драга пријателка.
Денес, доцентката Лулиќ Јурјевиќ организира курсеви за базична фетална ехокардиографија во Поликлиника „Хелена“ во Загреб, каде што ме покани да учествувам како предавач и да одржувам практични вежби. За мене тоа има посебно значење, бидејќи на некој начин го затворам кругот – се враќам таму каде што започна мојата љубов кон ултразвукот, но овојпат со можност да го споделам стекнатото знаење со помладите колеги, додава д-р Шпишиќ – Пушевска.
Во 2024 година таа имала двонеделен престој на Универзитетска клиника во Велс, каде што имала можност одблиску да види како функционира феталната кардиологија во рамки на еден високо организиран систем, во кој педијатриски кардиолози работат заедно со супспецијалисти по фетална медицина.
Тоа искуство ми даде јасна слика за значењето на тимскиот, мултидисциплинарен пристап во грижата за фетуси со срцеви мани и искрено се надевам дека еден ден и кај нас ќе обезбедиме такво ниво на грижа за нашите најмали пациенти, вели д-р Шпишиќ – Пушевска.

Со неа разговаравме за тоа колку се чести вродените срцеви мани кај децата, кога најчесто се откриваат во бременоста, како во пракса се решава породувањето и згрижувањето на овие бебиња, кои се предизвиците за феталната ехокардиографија, во кои случаи таа е особено важна и како тоа се прави во Европа.
Зошто е важна феталната ехокардиографија?
ШПИШИЌ – ПУШЕВСКА: Феталната ехокардиографија претставува специјализиран ултразвучен преглед со кој детално се проценува срцето на бебето, неговата градба, протокот на крв и срцевиот ритам, овозможувајќи навремено откривање на вродени срцеви аномалии.
Колку се чести вродените срцеви мани?
ШПИШИЌ – ПУШЕВСКА: Вродени срцеви мани се јавуваат кај приближно 8–9 од 1.000 живородени деца, но доколку се вклучат и поблагите, „скриени“ срцеви аномалии, бројката може да достигне и до 50 на 1.000 новороденчиња.
Зошто не се доволни само рутинските ултразвучни прегледи?
ШПИШИЌ – ПУШЕВСКА: Рутинскиот ултразвучен преглед не е секогаш доволен бидејќи не е специјализиран за детална проценка на срцето на бебето, поради што одредени сериозни срцеви мани може да останат непрепознаени, особено ако не се бараат активно и детално. Токму затоа феталната ехокардиографија претставува посебен, насочен преглед кој не бара само високо ниво на стручна едукација и искуство од страна на лекарот, туку и ултразвучна апаратура со висока резолуција, бидејќи само комбинацијата на експертиза и современа технологија овозможува прецизна и сигурна дијагноза. Во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир, во последните четири години сме опремени со врвна ултразвучна технологија од GE – Voluson E10 и Voluson E22 – што ни овозможува да работиме чекор со најсовремените светски болници во областа на феталната дијагностика.

Кои се предизвиците на фетална ехокардиографија?
ШПИШИЌ – ПУШЕВСКА: Иако феталната ехокардиографија произлегла од ехокардиографијата кај возрасни, таа има свои особености . Срцевата фреквенција кај фетусот е значително повисока отколку кај возрасен, а самото срце е многу помало, што го отежнува прегледот. Покрај тоа, фетусот може во секунда да ја смени својата положба. Прегледот се изведува индиректно, преку мајчиниот абдомен, а врз квалитетот на сликата дополнително влијае и телесната градба на мајката, при што сè поголемиот број на трудници со прекумерна телесна тежина го отежнува прегледот. Токму затоа феталната ехокардиографија бара високо специјализирана опрема, големо искуство и посебна експертиза.
Кога феталната ехокардиографија е особено важна?
ШПИШИЌ – ПУШЕВСКА: Феталната ехокардиографија се препорачува кога: на рутински ултразвучен преглед постои сомнение за срцева мана, кога на првиот скрининг се дијагностицира зголемен набор на вратот на фетусот, како и во случаи на дијагностицрани генетски или хромозомски нарушувања на фетусот. Феталната ехокардиографија е особено важна кај близначка бременост со заедничка плацента, кај трудници со лошо регулиран дијабетес и при изложеност на трудницата со одредени лекови или супстанции во раната бременост и кога во семејството постојат срцеви мани .
Кога најчесто се откриваат срцевите мани во бременоста?
ШПИШИЌ – ПУШЕВСКА: Најчесто срцевите мани кај бебето се откриваат во вториот триместар од бременоста. Иако денес, со современа опрема и соодветно искуство, во одредени случаи е можно тешки срцеви состојби да се забележат и порано, уште во првиот триместар, тоа сè уште не е рутинска практика. Во мојата болница се дијагностицирани во прв триместар и сериозни состојби како тетралогија на Фало со изразено стеснување на пулмоналната артерија, трикуспидална атрезија и поместување на срцето поради дијафрагмална хернија, но ваквата рана дијагноза засега не претставува стандардна пракса. Сепак, активно работиме и се надеваме дека во иднина тоа ќе стане стандард, а не изолирани случаи.
Кои се придобивките од рано откривање?
ШПИШИЌ – ПУШЕВСКА: Пренаталната дијагноза има најголемо значење кај тешки и животозагрозувачки срцеви мани, особено кога крвотокот на бебето зависи од одредени крвни врски, кога постои нарушен проток меѓу срцевите комори или кога е потребна итна интервенција веднаш по раѓањето. Во вакви случаи, раното откривање значително ја намалува смртноста пред и по операцијата, го намалува ризикот од кислороден недостиг и тешки метаболни нарушувања, го скратува престојот во болница, го намалува ризикот од оштетување на мозокот и овозможува породување во специјализиран центар со однапред подготвен тим.
За родителите, раната дијагноза значи време да разберат што се случува, можност да донесат информирани одлуки и да се подготват и психолошки и медицински, со што се избегнуваат итни и хаотични ситуации по породувањето. Сепак, не сите срцеви мани имаат иста корист во однос на преживувањето, но речиси сите имаат значителен бенефит кога станува збор за подобро планирање, следење и правилно водење на бременоста и новороденчето.
Современите податоци покажуваат дека кај одредени срцеви мани, раното откривање е поврзано и со подобар невролошки и развоен исход, бидејќи фокусот на модерната медицина денес не е само преживување, туку и квалитетот на животот на детето. Во строго селектирани случаи, можно е состојбата да се следи многу внимателно, да се третира со лекови преку мајката, а во ретки ситуации и да се изведе интервенција уште за време на бременоста.

Може ли нешто да се направи за превенција?
ШПИШИЌ – ПУШЕВСКА: Земaњето фолна киселина пред и во раната бременост значително го намалува ризикот од срцеви мани, а исто толку важни се и добрата контрола на хроничните заболувања кај мајката, како и избегнувањето на штетни лекови и супстанции без претходна лекарска препорака.
Како во пракса се решава породувањето и згрижувањето на бебиња со срцеви мани?
ШПИШИЌ – ПУШЕВСКА: За жал, во нашата држава не постои државна детска кардиохирургија во рамки на Клиничкиот центар. Во приватната болница Аџибадем Систина, детската кардиохирургија функционира преку Фондот за здравствено осигурување, но самите породувања во тој центар се на товар на родителите. Поради тоа, во Гинекологија Чаир однапред ги планираме породувањата кај бремености со срцеви мани, а транспортот на новороденчињата го обезбедува Аџибадем Систина, по наше официјално барање, со цел веднаш по раѓањето да им се овозможи најдобра можна и навремена грижа.
Како Европа се грижи за трудници со бебиња со вродени срцеви мани?
ШПИШИЌ – ПУШЕВСКА: Европа се грижи за трудници со бебиња со вродени срцеви мани преку добро организирана мрежа на високо специјализирани центри, позната како European Reference Networks. За вродените срцеви заболувања таа мрежа се нарекува ERN GUARD-Heart и ги поврзува најдобрите европски центри со долгогодишно искуство, мултидисциплинарни тимови, кардиохирургија, интензивна нега и активно учество во научни регистри и истражувања.
Во пракса, тоа значи дека пациентката не мора веднаш да патува – најпрво патува знаењето. Преку заеднички дигитални платформи, случаите се дискутираат онлајн, се разменуваат ехокардиографски снимки и медицински податоци, а мислење даваат повеќе европски експерти. Во многу ситуации, одлуката за понатамошниот третман се носи без физичко преместување на трудницата.
Доколку состојбата бара ретка операција, inutero интервенција или исклучително искусен тим, тогаш трудницата или новороденчето се упатуваат во центарот со најголемо искуство за таа конкретна срцева мана, како што се центрите во Линц, Лондон, Бон или Рим. Сите одлуки се носат тимски, со вклучување на фетални и педијатриски кардиолози, кардиохирурзи, перинатолози, неонатолози и генетичари, што значително го намалува ризикот од грешки и го подобрува исходот.
Овој начин на работа е особено важен затоа што ретките срцеви мани не се рамномерно распоредени, ниту еден центар сам не може да има искуство со сите типови, а преживувањето и квалитетот на животот на децата се значително подобри кога грижата е централизирана и координирана на европско ниво.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Приватна архива

Македонски




