
Завршија изборите, завршија сите кампањи кои го преокупираа вниманието на граѓаните. Завршија активностите кои ги ставија редовните процеси во мирување, оние кои обично се наше секојдневие и преокупација. Полека се интензивираат внатрешните, но и надворешните политички активности кои настапуваат како логичен след на настаните.
Се врши позиционирање и репозиционирање внатре во политичките партии, во рамки на коалициите, но и во рамки на веќе воспоставените односи на силите меѓу спротивните политички партии и концепти кои ја карактеризираат Македонија години наназад.
Како што гледаме, времето не го губат ниту македонските душегрижници однадвор, оние кои што имаат сопствен поглед и поимање на сѐ што е македонско и сѐ што спаѓа под терминот македонско. Излегуваат со интервјуа, констатации, напади и обвинувања, кои без исклучок се насочени кон Македонија и македонската страна, без оглед на тоа за каков формат или ниво се работи.
Ангел Димитров, првиот бугарски амбасадор во Македонија, човекот кој што по дефиниција требаше да гради мостови меѓу двата народа и двете држави, излезе со интервју во кое упатува критики и обвинувања, се разбира, против македонската страна. Зарем токму сега се неопходни оценките и ставовите на Ангел Димитров, во време кога се интензивираат активностите за изнаоѓање на решение кое ќе создаде услови за деблокирање на македонските европски интеграции и откочување на процесот?!
Напротив, како и секогаш, темите кои што се од негов интерес фрлаат поглед кон минатото и толкувањето на таквото минато. Овие теми во никој случај нема да донесат нешто позитивно кое што ќе овозможи откочување, како и предвидлив и непопречуван интегративен процес на државата. Тоа се теми за оние кои живеат во минатото, оние кои што со децении ги спречуваат македонските граѓани да живеат во сегашноста и иднината.
Проблемот не е во тоа што овој истакнат интелектуалец, функционер и претставник на бугарската држава ги презентира сопствените погледи и ставови на теми од негов интерес. Проблемот е во тајмингот избран за пласирање на ваквите ставови, во време кога можат да се зацврснат или срушат сите кревки мостови кои започнале да се градат.
Од друга страна, неговото појавување во јавноста, токму во овој момент, не сакајќи ги поткрепува македонските позиции и ставот на премиерот Мицкоски за барање европски гаранции за непопречуван евроинтегративен процес на Македонија, ослободен од билатерални прашања кои се спротивни на критериумите од Копенхаген. Ангел Димитров во своето интервју потсети на толку многу теми кои се во неговиот фокус како историчар, а кои лесно можат сукцесивно да се наметнуваат како примарен интерес и на бугарската официјална политика и како такви да се претвораат во нови и нови услови кои што Македонија ќе мора да ги исполнува во текот на преговорите. Тој на најнепосреден начин им даде целосен легитимитет на барањата на Мицкоски за гаранции од страна Европската унија.
Токму начинот на поимање на добрососедските односи, пријателството и соработката меѓу двете држави, како оној на Ангел Димитров, е причината за големиот степен на недоверба и инсистирањето на гаранции од македонска страна. Ако се ставиме на негово место и погледнеме од негова перспектива на историјата и политиката, ќе сфатиме тој самиот е убеден дека е во право за она што го одработува. Но, дали тој некогаш се ставил на нашето место и нашиот поглед на работите, за кои што сметаме дека сме сосема во право, со цел да се избегне постоечката колизија и да дојде до откочување на процесите.
Но има едно прашање кое што е исклучително интересно во моментов, односно, дали неговите ставови кореспондираат со реалноста и со актуелниот геополитички момент во кој се наоѓа Европската унија и европскиот континент? Тој доаѓа од Бугарија и е претставник на земја членка на ЕУ и тоа е особено важно да се потенцира.
Историјата е растеглива материја која што може да се толкува и вака и онака. Таа повеќе се користи како политичка алатка во рацете на посилните отколку како егзактна научна дисциплина која ќе почитува строго утврден ред на правила, задолжителни за целиот научен колектив кој се занимава со историската наука.
Токму како таква, историјата и нејзиното толкување, во моментов претставува пречка, камен на сопнување и причина за блокади на македонскиот евроинтегративен процес. Во исто време таа претставува и блокада на европскиот геополитички интерес за целосна унификација на Европа и интеграција на преостанатите земји од Балканот.
Европската унија без балканските земји не може да биде комплетна, ниту пак цела. Тоа добро го знаат сите оние кои на континентот гледаат низ призмата и интересот на неговото обединување, но и оние кои посакуваат и настојуваат Европа никогаш да не стане еден, обединет и заеднички организам на сите народи кои што живеат на ова тло.
Тука се поставуваат повеќе клучни прашања!
Дали реафирмирањето на ставовите на Димитров, токму во овој момент, како и јавното потсетување на темите кои што се во спротивност и кочница на македонските аспирации за интегрирање во ЕУ, во исто време се претвораат и во кочница на геополитичкиот интерес на Европската унија за нејзино целосно обединување? Дали неговите ставови се еквивалентни со актуелната бугарска политика и дали како такви претставуваат блокада, не само за Македонија, туку и внатрешна блокада на самата Европска унија?
Дали инсистирањето на премиерот Мицкоски и актуелната македонска влада за обезбедување на гаранции, всушност е инсистирање за обезбедување на гаранции, како за Македонија, така и за Европската унија за потребите на остварување на нејзините зацртани геополитички интереси?!
И последното прашање кое што неминовно се наметнува самото по себе.
Кој овде е поголем европеец? Оној однадвор, кој што инсистира на предвидливост на процесите, почитување на европските вредности и критериуми, или оној одвнатре, кој што наметнува билатерални прашања заглавени во минатото и го проблематизира и кочи европскиот геополитички интерес за целосно обединување?!
Одговорите на овие прашања, ние, овде во Македонија, ги знаеме. Ова се прашања кои се секојдневна лектира за секој од нас. Многу поважно е тоа што ова се прашања на кои одговори треба да си даде Европската унија, самата на себе. Тоа се прашања чии што одговори ќе го скратат времето загубено во надмудрувања и убедувања за тоа дека со исполнувањето на „последниот“ услов, Македонија ќе започне со предвидлив процес на преговори. Тоа се прашања чии што одговори ќе и овозможат на Европа да ја извади главата од песок и да направи чекор напред во реализацијата на сопствениот геополитички интерес.

Македонски








