
Во сабота, 8 ноември, сцената на Националната опера и балет ќе се претвори во мозаик од движења, бои, емоции и музика: ќе се случува седмото издание на Интернационалниот танцов натпревар „Стејџ 2025“.
Со овој настан Скопје повторно ќе биде центар на талент, креативност и младешка енергија. Цел ден, од 9 до 22:00 часот, на големата и малата сцена ќе настапат над 1600 деца и млади танчери од 12 држави, претставувајќи го својот танцов израз низ класичен и современ балет, џез, модерн, акробатски и шоу танц…
Секој настап има своја приказна – различна, но силна, исполнета со страст, музика и љубов кон сцената. „Стејџ” не е само натпревар – туку е прослава на уметноста, детството и различноста. Преку танцот, децата од целиот свет учат да ја разберат и почитуваат културата, да создаваат пријателства и да ја негуваат љубовта кон сцената.
Со секое издание, СТЕЈЏ станува мост што ги поврзува младите генерации преку уметноста, промовирајќи ја Македонија како земја на култура, талент и инспирација. Овој наш традиционален настан е потсетник дека вистинската убавина е во креативноста, посветеноста и сплотеноста, а токму тоа е духот што СТЕЈЏ го носи веќе седум години- вели Тамара Ѓурчиновска, организатор и уметнички директор на натпреварот.
Хајлајт на вечерта ќе биде Гала настапот на најдобрите десет изведби (TOP 10), избрани од меѓународното стручно жири. Талентираните танчери ќе ги добијат највисоките признанија и престижни награди на СТЕЈЏ 2025. Настанот е организиран од Тамара Ѓурчиновска и балетското студио „Арт Балет“.

Македонски






