
Тројцата истакнати претставници на современата полска репортажна школа: Мариуш Шчигел, Марго Рејмер и Камил Балук гостуваат во Македонија. По овој повод ќе бидат организирани повеќе работилници и настани посветени на полската книжевна репортажа – жанр кој на уникатен начин ги спојува новинарството, нефикцијата и книжевната уметност.
На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ утрово ќе се одржи мастер-клас со Шчигел, еден од највлијателните современи полски репортери. Темата е „Зошто и како пишуваме? За книжевната репортажа во Полска“. Предавањето ќе биде на полски јазик со превод на македонски. Настанот ќе продолжи со работилница за книжевна репортажа, на која учесниците ќе имаат можност да се запознаат со историјата, методите и техниките на полската репортажа, но ќе научат како да ги усовршат сопствените книжевни и новинарски вештини. Работилниците ќе ги водат полските автори Марго Рејмер и Камил Балук, на 4 и 5 ноември 2025 година, на Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Работниот јазик на работилниците е англиски, а за учество е потребна претходна пријава.
Во Бистро Театар Комедија вечер, од 19:00 часот, ќе се одржи авторска средба и промоција на книгите „Калта послатка од медот. Гласовите на комунистичка Албанија“ од Марго Рејмер и „Сите деца на Луи“ од Камил Балук. Двете книги од полски на македонски јазик се во превод на Лидија Танушевска (овогодинешната лауретка на наградата за најдобар превод на книжевно дело „Драги“), а во издание на „Славика либрис“ од Скопје. Настанот ќе биде посветен на разговор за книжевната репортажа, нејзините граници и улогата на авторот како сведок на реалноста. Со гостите ќе разговараат преведувачката Танушевска и Јасминка Делова-Силјанова.
Мариуш Шчигел е автор на бројни книги, меѓу кои „Готленд“, „Создај си рај“, „Нема“ и „Фактите мора да се разиграат“, добитник на Европската награда за литература (2009) и на полската книжевна награда „Нике“ (2019). Тој е основач на Полската школа на репортажа, еден од највлијателните центри за развој на жанрот во Европа. Негови книги преведени на македонски ce „Готленд“ во превод на Лидија Танушевска (Или-Или, 2016) и „Создај си рај“ во превод на Звонко Димоски (Восток, 2019).
Марго Рејмер и Камил Балук се дел од новата генерација истакнати полски автори и претставници на Полската школа за книжевна репортажа. Марго Рејмер е писателка и репортерка, добитничка на наградите „Пасош на Политика“ и „Кошќелиски“. Со книгите „Букурешт. Прашина и крв“ и „Калта послатка од медот“ се вбројува меѓу најзначајните современи полски репортери, а нејзините дела се преведени на повеќе јазици. Во 2019 година ја добива титулата Млад амбасадор на полскиот јазик. Камил Балук е полски писател и репортер, претставник на новата генерација автори на Полската школа за репортажа. Автор е на книгата „Сите деца на Луи“, преведена на неколку јазици. Балук е и предавач на Полската школа за репортажа и член на нејзиниот управен одбор. Неговите текстови се објавувани во водечките полски медиуми и повеќепати биле номинирани за новинарски и книжевни награди.
Сите настани се организирани во соработка со Амбасадата на Република Полска во Скопје, Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и ИК „Славика Либрис“, со цел промовирање на современата полска книжевност и културна размена меѓу Полска и Македонија.

Македонски






