
Првпат, во македонското државното здравство, на Универзитетската Клиника за урологија беа извршени три успешни операции на вградување пенилни протези, со што Македонија се вклучи во редот на најнапредните здравствени системи што нудат врвни решенија за хируршкото решавање на органската еректилна дисфункција. Досега пациентите за вакви интервенции беа испраќани во странски здравствени центри, но од неодамна, овие операции се извршуваат на Клиниката за урологија.
Протезната хирургија е врвот во реконструктивната урологија и се фокусира на обновување, не само на анатомијата, туку и на функцијата на урогениталниот систем кај пациенти со сериозни оштетувања.
Но, многу е важно да се знае дека секој пациент со еректилна дисфункција не е кандиат за пенилни протези, вели во интервју за „Република“ д-р Огнен Ивановски, виш научен соработник на Универзитетската клиника за урологија.
Постојат јасно дефинирани медицински критериуми, а секој случај индивидуално се разгледува од страна на стручниот колегиум на Клиниката. Досега, овие пациенти беа конзилијарно испраќани во странски или приватни здравствени центри, каде што интервенцијата се наплаќаше по неколкукратно повисока цена, вели д-р Ивановски, раководител на Одделот за реконструктивна генитоуринарна хирургија и функционална урологија со андрологија.
Со д-р Ивановски разговаравме за тоа на кои пациенти им се потребни овие протези, како функцинираат, дали им истекнува рокот на траење. Во интервјуто д-р Ивановски најави дека е во тек процесот на воведување на сакрална невромодулација – метод за регулирање на уринарни дисфункции со помош на електронски уред сличен на пејсмејкер, кој се контролира преку мобилен телефон, а при крај е и реновинарењето на Одделот на Клиниката.
Во меѓувреме, Клиника за урологија во Скопје, започна со изведување операции за вградување на вештачки уринарен сфинктер, нова процедура, што досега се спроведуваше само во странските и приватните медицински центри. Операцијата е целосно покриена од Фондот за здравствено осигурување на Македонија и претставува нова услуга во јавното здравство.
Неодамна беше објавено дека на Клиниката за урологија првпат беа извршени три операции на вградување на пенилни протези. Што значи ова за македонското здравство и за пациентите?
Д-Р ИВАНОВСКИ: Да, со големо задоволство можам да кажам дека првпат во нашето државно здравство беа изведени три успешни операции за вградување на пенилни протези. Ова претставува значаен чекор напред во областа на урологијата и машкото репродуктивно здравје. Особено важно е што овие интервенции се целосно покриени од Фондот за здравствено осигурување, што значи дека се достапни за сите осигурени пациенти – без финансиски бариери. Искрено, чувствувам голема гордост и одговорност што можам да ја овозможам оваа услуга на пациентите на кои им е најпотребна. Станува збор за деликатна, но исклучително важна интервенција која директно го подобрува квалитетот на животот. Со оваа услуга, се вклучуваме во редот на современите европски здравствени системи, каде ваквите решенија се веќе стандард.

На кои пациенти им се потребни овие интервенции, како тече заздравувањето? Колку време е неопходно да останат во болница по операцијата?
Д-Р ИВАНОВСКИ: Станува збор за многу специфична и чувствителна група пациенти, кај кои еректилната дисфункција е резултат на сериозни медицински состојби – најчесто дијабет, последици од карцином или тешки оперативни зафати во карличниот предел. Кај овие пациенти, пенилната имплантација често е единствена и крајна можност за враќање на сексуалната функција. Тоа не е само прашање на сексуалност, туку значајно влијае врз психолошката состојба, самодовербата и целокупниот квалитет на животот. Операциите на нашата Клиника беа успешно изведени кај тројца пациенти на возраст од 43 до 59 години. Сите пациенти се отпуштени дома во стабилна и добра општа здравствена состојба. Вообичаено, хоспитализацијата трае околу два дена, што дополнително зборува за минимално инвазивната природа на постапката и добриот постоперативен тек. Досегашните резултати се одлични – немаме евидентирано никакви компликации. Ова е силна потврда за квалитетот на пристапот и дополнителна мотивација за мене и целиот тим да продолжиме со проширување и унапредување на оваа програма
Овие операции се целосно на товар на Фондот за здравствено осигурување. Колку вакви протези годишно може да бидат вградени на Клиниката за урологија и досега каде се оперираа пациентите со еректилна дисфункција?
Д-Р ИВАНОВСКИ: Фондот за здравствено осигурување оваа година одобри вградување на 15 вакви медицински помагала – што претставува значаен исчекор за нашето здравство. Сепак, важно е да се потенцира дека не секој пациент со еректилна дисфункција е кандидат за ваков вид имплантација. Постојат јасно дефинирани медицински критериуми, а секој случај индивидуално се разгледува од страна на стручниот колегиум на Клиниката. Досега, овие пациенти беа конзилијарно испраќани во странски или приватни здравствени центри, каде што интервенцијата се наплаќаше по неколкукратно повисока цена.
Како се користи протезата? Дали има несакани ефекти? Дали се заменува и дали има рок на траење?
Д-Р ИВАНОВСКИ: Трокомпонентната пенилна протеза како најсовремен и докажан метод вклучува поставување на специјални силиконски цилиндри во кавернозните тела на пенисот, место кое нормално се полни со крв за време на ерекција. Цилиндрите се поврзани со мала пумпа, сместена под кожата помеѓу тестисите, така што пациентот лесно може да ја допре и активира. Системот функционира со помош на резервоар полн со стерилен физиолошки раствор што е сместен длабоко во карлицата, во близина на мочниот меур и не се гледа од надвор. Кога пациентот мануелно ја активира пумпата, течноста се префрла од резервоарот во цилиндрите, што предизвикува ерекција. По завршување на односот, со едноставно притискање на копче, течноста се враќа назад во резервоарот, а пенисот се враќа во опуштена состојба. Имплантираната протеза може да почне да се користи шест недели по операцијата, а нејзиниот век на траење зависи од самата протеза, но и од начинот на однесување на пациентот. Како и кај секој хируршки зафат, постои ризик од компликации, како инфекции коишто се јавуваат во два до три проценти од случаите, потоа дефект на самата протеза, а како најсериозна, но ретка компликација, се наведува поместување на протезата од нејзиното лежиште. Ризикот од инфекција дополнително се намалува благодарение на антибиотскиото премачкување на силиконските цилиндри од пенилните протези вградени кај пациентот. Производителот на протезата обезбедува петгодишна гаранција која ги покрива сите механички дефекти на уредот. Согласно оваа гаранција, во случај на појава на механичка неисправност во гарантен период, пациентот има право на бесплатна замена на протезата, без дополнителни трошоци за самиот имплант.

Клиниката за урологија почна со операции за вградување на вештачки уринарен сфинктер. Колку интервенции досега се изведени?
Д-Р ИВАНОВСКИ: Универзитетската клиника за урологија во Скопје започна со изведување операции за вградување на вештачки уринарен сфинктер, нова процедура, која досега се спроведуваше само во странските и приватните медицински центри. Во последните 10 месеци успешно самостојно изведов 10 вакви интервенции, што ја вбројува Универзитетската клиника за урологија помеѓу ретките центри, кои се лиценцирани за изведување на овој тип нови процедури.
Неконтролирано испуштање урина е сериозен социјален и хигиенски проблем. Каква е состојбата кај македонските пациенти? Дали е од овој проблем почесто се засегнати мажите или жените?
Д-Р ИВАНОВСКИ: Вградувањето на вештачкиот уринарен сфинктер е златен стандард за решавање на уринарната инконтиненција кај машката популација, особено кај пациенти по операција на простата. Оваа интервенција значително ја подобрува контролата на урината кај повеќето пациенти, за кои ова е комплетно решение.
Исто така, и жените можат да бидат кандидати за вградување на уринарен сфинктер, иако кај нив обично се применуваат други, конвенционални модалитети на лекување на уринарната инконтиненција. Поставување на сфинктер кај жени се разгледува како опција кај тешки форми на инконтиненција кои се резистентни на стандардните терапевтски пристапи и не одговараат на другите форми на третман.
Новата процедура која досега не се извршувала во јавното здравство во Македонија каде ја вбројува Клиниката за урологија на мапата на медицински центри?
Д-Р ИВАНОВСКИ: Во изминатата година, нашата земја се истакнува со најголем број вградени уринарни сфинктери во споредба со земјите од регионот, што претставува значаен индикатор за експертизата и капацитетот на нашите здравствени установи. Овој резултат ја позиционира Клиниката како водечки и референтен центар во регионот за спроведување на оваа високо специјализирана уролошка интервенција. Повеќе од една година сум посветен на оваа процедура. Горд сум што можам да понудиме решение на проблем за кој претходно пациентите беа принудени да патуваат во странство.
Дали оваа операција е целосно покриена од Фондот за здравство? Колку вакви интервенции се изведени досега и дали има ограничување на бројот од страна на Фондот колку операции може да бидат извршени годишно на Клиниката за урологија?
Д-Р ИВАНОВСКИ: Операцијата за вградување уринарен сфинктер е целосно покриена од страна на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија и претставува нова, значајна услуга во рамки на јавното здравство. Благодарение на поддршката од Фондот и директорот, д-р Сашо Клековски, обезбедени се сите услови за континуирано изведување на оваа интервенција, во обем што ќе одговара на реалните потреби на пациентите.
Очекуваме годишно да има приближно 20 пациенти кај кои ќе биде потребна оваа интервенција, без да се вклучат потенцијалните пациенти од странство, особено од земји каде што оваа процедура сè уште не се изведува – како што се Косово, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Кои новини се подготовуваат на Клиниката за урологија? Дали во скоро време пациентите може да се надеваат на реновиран оддел?
Д-Р ИВАНОВСКИ: Современата урологија претставува една од највозбудливите и најиновативни гранки во медицината, со постојан напредок во дијагностиката и третманот на уролошките состојби. Што се однесува до плановите за понатамошен развој на Клиниката за урологија, покрај веќе воспоставените програми за вградување на уролошки протези и сфинктери, во тек е процесот на воведување на сакрална невромодулација – метод за регулирање на уринарни дисфункции со помош на електронски уред сличен на пејсмејкер, кој се контролира преку мобилен телефон.
За реализација на оваа високо специјализирана метода, како визитинг професор на нашиот медицински факултет го ангажиравме еден од водечките светски експерти во оваа област – проф. Емре Хури. Неговото учество претставува значителен придонес за подигнување на квалитетот на третманите и за трансфер на најсовремени знаења и вештини во нашата институција.
Среќен сум што реновирањето на одделот е при крај и од сега нашите пациенти ќе добијат современи и достоинствени услови за време на хоспитализацијата, кои во голема мера се приближуваат до стандардите на европските болници. Ова претставува значителен чекор напред во унапредувањето на болничката инфраструктура и грижата за нашите пациенти.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Приватна архива