
По трагедијата во Кочани и вдишувањето на отровни гасови од страна на стотици млади луѓе, доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија излезе со јавна објава на социјалната мрежа Фејсбук, во која споделува совети за природна детоксикација на организмот. Според него, протоколот е применлив и за сите кои биле изложени на чад и токсични материи, како и за пушачи и луѓе што живеат во загадени урбани средини.
„Во ‘хорор ќелијата’ во Кочани имало околу 650 млади луѓе, од кои најголемиот дел вдишале од отровните гасови кои се ширеле со чадот“, пишува Беќаровски, објаснувајќи дека некои од нив не завршиле во болница, но сепак имаат потреба од соодветна грижа и прочистување на организмот.
Неговиот препорачан природен протокол за детоксикација вклучува:
Дневно внесување на 2–3 литри вода
Утринска чаша топла вода со сок од половина лимон
Консумација зелен чај и чај од ѓумбир и куркума
Јадење јаболка, брокула, зелка, карфиол и шумски овошја
Оброци богати со леќа, овес, интегрален ориз и печурки (особено реиши)
Препорака за користење на сауна или наизменично туширање со топла и ладна вода
Применување на интермитентен пост (8/16 модел)
„Кон овие принципи би требало да се придржувате 15 до 30 дена, зависно од изложеноста“, советува Беќаровски.
За оние на кои ваквиот пристап им делува премногу комплициран, д-р Беќаровски нуди и алтернатива: двапати дневно да се земаат додатоци во исхрана (Caps. G-132+Natural) во период од 15 до 30 дена, заедно со доволен внес на течности.