
Бројот на случаи на сипаници во Европа се удвои во 2024 година и е највисок во последните 25 години, објавија Светската здравствена организација и УНИЦЕФ, повикувајќи на мерки за зголемување на стапката на вакцинација што падна за време на пандемијата ковид-19.
Децата под пет години сочинуваат повеќе од 40 отсто од 127.350 случаи пријавени минатата година во регионот, кој вклучува 53 земји во Европа и Централна Азија, се вели во соопштението на СЗО.
Сипаниците се вратија, и тоа е повик за аларм“, рече Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.
„По падот на опфатот со имунизација за време на пандемијата ковид-19, бројот на случаи значително се зголеми повторно во 2023 и 2024 година. Стапките на вакцинација во многу земји допрва треба да се вратат на нивоата пред пандемијата“, додаде СЗО.
Според СЗО, сипаниците се еден од најзаразните вируси за луѓето. Инфекциите може да предизвикаат компликации вклучувајќи пневмонија, енцефалитис и дехидрација, а исто така и да ја оштетат одбранбената меморија на имунолошкиот систем против различни патогени.
СЗО во четвртокот соопшти дека во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Романија, помалку од 80 отсто од подобните деца ја примиле првата доза на вакцина против сипаници во 2023 година, што е далеку под стапката на покриеност од 95 отсто потребна за да се спречи појава на епидемија.
Романија објави најголем број случаи во европскиот регион во 2024 година, со 30.692 случаи, а потоа следи Казахстан со 28.147 случаи, се додава.