
Во гостиварската болница од денеска почнаа да се извршуваат операции во одделот за ортопедија. Тим од Клиниката за ТОАРИЛУЦ во Скопје во наредниов период ќе работи со гостиварските лекари, со што, како што беше кажано на прес конференција, идните пациенти нема да треба да патуваат и ќе се лекуваат поблиску до местото на живеење.
Министерот за здравство Азир Алиу при денешната посета на болницата „Ферид Мурад“ во Гостивар напомена дека новите услуги кои се воведени се огромен чекор напред во здравствената заштита на заедницата.
Денес сме тука за да објавиме дека оперативни услуги кои ги немало досега, за првпат ќе се користат во оваа болница. Министерството креира соодветна инфраструктура и инвестирање во опрема, но и човечкиот фактор. Затоа денес тука заедно со докторите од Гостивар работат нивни колеги од Клиниката за ТОАРИЛУЦ од Скопје. На тој начин тие вештини кои треба да ги има секој доктор за одредени услуги да можат да ги пренесат и на локално ниво, во овој случај, на секундарното здравство, рече министерот Алиу.
Тој кажа дека целта на Владата е здравството да се приближи до граѓаните и оцени дека за брзо време во Македонија ќе има соодветни европски услови за здравството.
Директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџаноски кажа дека на првиот ден се закажани пет операции кои ќе се извршат во новата операциона сала и напомена дека условите се најдобри во гостиварската болница.
Денес е историски ден за гостиварската болница. За првпат овде започнуваат операции на ортопедскиот оддел, што е огромен чекор напред во здравствената заштита што ја нудиме на нашата заедница. Со отворањето на овој оддел, граѓаните на Гостивар и околните места веќе нема да мораат да патуваат далеку за квалитетни ортопедски услуги. Пациентите ќе добиваат сигурни и современи услови за лекување, а нашите лекари и медицински сестри ќе можат да го покажат своето знаење и посветеност во најдобри услови, рече Мерџаноски.
Тој нагласи дека здравствените работници од Гостивар ќе имаат целосна поддршка од Клиниката за ТОАРИЛУЦ во Скопје, државната болница за ортопедија, која ќе обезбедува експертска помош, обука и стручна консултација од самиот почеток.