Skip to main content

Проф. д-р Кузмановска: Трансплантацијата е врв на медицината, но и врв на човечноста

Трансплантацијата е врв на медицината, но и врв на човечноста. Таа бара знаење, организација и систем, но пред сè доверба, солидарност и храброст, смета проф. д-р Билјана Кузмановска, национална координаторка за трансплантација.

Таа говореше на трибина во Битола, посветена на оваа исклучително важна тема „Органодарителството во Македонија“, со цел отворање поширока јавна дискусија за значењето, предизвиците и етичките аспекти на трансплантацијата.

Подигнувањето на свесноста за донорството не е само избор, тоа е општествена одговорност и хуманост, беше кажано на трибината во Битола / фото: Министерство за здравство

На едно место беа обединети врвни медицински експерти, трансплантациски координатори, претставници на верските заедници, правници, како и пациенти и донори, сите со заедничка мисија: подигнување на свесноста и градење култура на донорство.

Секој спасен живот е доказ дека кога институциите, стручната фела и заедницата се обединети, надежта станува реалност. Подигнувањето на свесноста за донорството не е само избор, тоа е општествена одговорност и хуманост која може да спаси или да го подобри квалитетот на животот, посочи проф. д-р Кузмановска на трибината, појаснувајќи ги условите да се биде дарител, комплексноста на процедурите, но и подготвеноста на здравствениот систем за овие сложени трансплантациски процедури.

Поврзани вести