Skip to main content

Повредите на мозочното ткиво од куршумот биле неоперабилни, МЗ со детали за починатото двегодишно дете

Министерството за здравство соопшти дека кај двегодишното дете повредено од залутан куршум за време на новогодишната ноќ не постоела можност да се направи хируршка интервенција, бидејќи оштетувањето на мозочното ткиво било исклучително тешко и неприменливо за оперативен зафат.

Во соопштението се наведува дека детето најпрво било примено на Ургентниот центар, а поради сериозноста на повредите веднаш било префрлено на Клиниката за неврохирургија, каде било сместено на Одделот за интензивна нега.

Пациентот бил интубиран, приклучен на механичка вентилација и ставен под 24-часовен мониторинг, а била ординирана антибиотска и антиедематозна терапија.

Интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволуваше хируршко лекување. И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот од страна на метално страно тело, соопшти Министерството за здравство.

Институцијата упати искрено сочувство до семејството и најблиските во овие исклучително тешки моменти и повтори апел Новата година да се прославува мирно, без пиротехнички средства и огнено оружје, бидејќи неодговорното однесување може да заврши со трагични последици.

Поврзани вести