
Лекар специајлист физијатар, двајца физиотерапевти и две медицински сестри од штипското Физикално одделение се на обука за третман на пациентите кои се повредени во дискотеката „Пулс“ во Кочани, информираше денеска директорот на Клиничка болница-Штип, Владко Захариев.
Во моментов се на обука и работат парцијално со пациентите кои се препраќаат во Клиниката за пластична хирургија од Скопје во болницата во Кочани. Во штипска Клиничка болница немаме примено пациенти во моментов, но во дневна болница мислам дека имаме еден или двајца пациенти, вели Захариев.
Тој истакна дека од вчера почнато е реновирањето и атаптацијата на модуларната болница, во која ќе се сместат 14 специјалисти преку „Мој термин“, а во овој објект ќе има и сала за помали и брзи интервенции. Инаку инвестицијата чини околу 10.000 евра, а по ставањето во функција на модуларната болница за специјалистичките амбуланти е планирано и да се реновира и во Физикална терапија.
Отворањето на Ургентниот центар ќе зависи од процесот на преместување на специјалистичките амбуланти во модуларната болница, бидејќи просторот каде што е сега приемно одделение да биде Ургентен центар, изјави Захариев.
Прашан за вработувањето на 19 специјализанти лекари, за кои огласот заврши, Захариев вели дека во моментов се чека да се одреди термин за тестирање, согласно законот кој треба да се спроведи. Инаку во штипската Клиничка болница денеска студентите на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ –Штип добија соблекувална, која ќе ја користат студентите од повисоките години и кои одат на пракса и вежби во болницата.
Соблекувалната е самоволна иницијатива на студентите- членови на медицинската студентска организација СОМА, а е реализирана со поддршка од ФРЛЗ и КБ Штип, истакна на денешната прес-конференција Ирена Жежова претседателка на СОМА.
Ваквата иницијатива започна во октомври, и до сега студентите макотрпно работеа за да го создадат своето катче кое им е од огромна потреба, вели Жежова.
Реконструкцијата на просторот чинеше околу 100.000 денари.