
Јаболката се богати со растителни влакна и антиоксиданси и можат значително да придонесат за здравјето на дигестивниот систем.
Но, дали делот од денот кога ги јадеме може дополнително да ги зголеми нивните придобивки? Експертите за исхрана откриваат во кој дел од денот јаболкото има најголем ефект врз телото.
Јаболкото е одличен избор за почеток на денот бидејќи дава чувство на ситост, но е нискокалорично. Јаболката имаат низок гликемиски индекс и содржат хлорогена киселина, која помага во стабилизирање на шеќерот во крвта по оброкот. Тие се исто така извор на антиинфламаторни соединенија, како што се витамин Ц и кверцетин.
Иако едно јаболко нема чудесно да го забрза метаболизмот, може нежно да го стимулира варењето на храната наутро, додава диететичарката Лорен Манакер.
Јадењето јаболко еден или два часа пред главниот оброк може да помогне во контролата на телесната тежина. Јаболкото го поттикнува чувството на ситост и може да го намали внесот на калории за време на оброкот. Диететичарот Морган Вокер објаснува дека влакната во јаболкото ја забавуваат апсорпцијата на јаглехидратите, што помага во одржувањето на стабилни нивоа на шеќер во крвта.
Едно средно големо јаболко содржи околу 4 до 5 грама влакна, а редовниот внес на влакна е поврзан со помал ризик од срцеви заболувања и дијабетес тип 2.
Јаболкото може да биде добар избор и пред вежбање. Некои луѓе сакаат да го јадат два до три часа пред вежбање, додека на други им е добро со мала ужина од неколку парчиња непосредно пред тренинг.
Јаболко може да се додаде во појадок, ручек или вечера. Професорката по нутриционистичка наука, д-р Ан ВанБебер, препорачува додавање јаболка во овесна каша, мафини или сервирање како дел од лесна вечера.
Ако копнеете по нешто благо по вечерата, јаболкото е поздрава алтернатива на десертот. Може да се сервира со путер од јаткасти плодови или да се посипе со малку цимет за дополнителен вкус и ситост.
Јаболката се здрава храна што може да се вклучи во исхраната во кое било време од денот. Сепак, нивното јадење во одредено време може да донесе дополнителни придобивки. Јаболко пред тренинг може да ја зголеми енергијата, по вечерата може да задоволи желба за благо, а за појадок помага во варењето и ве прави да се чувствувате сити подолго време. Ако вашата цел е регулирање на телесната тежина, јаболко пред оброк може да биде корисна, нискокалорична алатка за контрола на апетитот.