Во просториите на Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје, попладнево свечено беа одбележани 70 години постоење Клиника за урологија.
Според в.д. директорот, доктор Башким Шабани, седумдесетгодишното искуство и опстојување е доказ за една успешна приказна на Клиниката за урологија со континуирана посветеност кон пациентите, но и кон вработените. Со постојано вложување во модерна и современа опрема, како што додаде Шабани, оваа клиника успеа да се вброи меѓу најдобрите клиники во нашиот здравствен систем.
Уролошкото одделение при хируршките клиники било формирано во втората половина на 1954 година. Овој чекор претставува прва одвоена уролошка установа во Македонија. Истовремено, прва јавна и официјална потврда за постоење на урологијата како самостојна медицинска гранка во Македонија, нагласи тој пред присутните.
Шабани прво се осврна на историјата на клиниката, а потоа на тоа каква е таа сега.
Годишно се извршуваат повеќе од 16.000 амбулантски услуги, прегледи, интервенции и дијагностички процедури. Се хоспитализираат околу 4.700 пациенти, се извршуваат повеќе од 3.600 оперативни зафати на годишно ниво. Клиниката денес претставува современа хируршка установа, чија кадровска структура е со вкупен број од 73 вработени и 29 лица се ангажирани со договор на дело. Во моментов, на клиниката се едуцираат 26 доктори на специјализација, информираше Шабани.
На настанот присуствуваше и министерот за здравство Арбен Таравари, кој имаше свое обраќање.
Многу е битно кога има традиција, традицијата зборува и за вредности во една клиника. Многу сум среќен што во оваа клиника имаше добри учители кои произведоа следбеници кои се доста добри. Има една поговорка, вели, „знаењето не е знаење, туку знаењето е да се знае да се даде“. И баш на Клиниката за урологија имавме такви луѓе, кои знаеја да дадат огромно знаење на идните генерации, нагласи министерот во изјава за медиуми.
Тој соопшти дека на оваа клиника се средуваат простории и изрази надеж оти за месец или два, ќе ја посети во нов изглед.