Skip to main content

Хематолог предупредува дека овој занемарен проблем прави хаос во телото

Freepik

Пациентите многу често одат на кардиолог поради чувство на срцебиење и прескокнување на срцето, жените забележуваат дека косата им опаѓа, а ноктите им пукаат, додека сето тоа може да биде последица на анемија

Хематолозите посочуваат дека токму анемијата може да биде главната причина за замор. Луѓето обично го занемаруваат овој здравствен проблем, кој може да предизвика бројни последици во организмот.

„Занемарен, но многу чест проблем. Сите чувствуваме замор и мислиме дека тоа е нормално, а не размислуваме дали постои некоја причина. Голем број луѓе страдаат од анемија. Ако вашиот замор е хроничен, треба да ја проверите крвната слика и резервите на железо. Најчестите симптоми се млитавост, замор, поспаност, несоница, главоболка. Пациентите многу често одат на кардиолог поради чувство на срцебиење и прескокнување на срцето. Жените забележуваат дека косата им опаѓа и дека ноктите им пукаат, а тоа се знаци поради кои треба да одите на лекар“, објаснуваат докторите.

Експертите посочуваат дека треба да се прави разлика помеѓу анемија и хипофиремија.

„Хипофиремија значи дека ви недостасува железо, но вашиот хемоглобин е нормален. Ако вашите резерви се комплетно празни, станувате анемични и тоа веќе е посериозен стадиум на ова нарушување. Самото лекување зависи од степенот на нарушувањето, затоа што терапијата е поинтензивна за пациентите кои се анемични во споредба со онаа за тие што се хипофиремични“, откриваат докторите.

А еве кои се најефикасните начини на лекување анемија.

„Лекувањето секогаш подразбира примена на препарати со железо. Тоа може да се направи на два начина. Првиот е со суплементација со таблети, кои можат да бидат разновидни. Докторот треба да го одбере вистинскиот препарат за вас, во спротивно може да дојде до несакани ефекти. Другиот начин е да примите инфузија со железо. Тоа е наменето за пациенти со многу тешки симптоми или за пациенти со болести на цревата“, нагласуваат тие.

Исто така, и здравата исхрана е многу важен фактор во борбата против анемија.

„Здравата исхрана е основата на сè. Треба да внесувате железо, кое го има во многу месни производи. Понекогаш не е возможно да се превенира анемијата. Ако сте жена која има долг менструален циклус, односно циклус од седум дена кој е малку пообилен, тогаш мора да ѝ обрнете внимание на анемијата и да ја лекувате. Важно е барем еднаш во шест месеца да направите крвна слика“, заклучуваат хематолозите.