
Придобивките од редовното вежбање не се само добар физички изглед, туку и добро емоционално и психолошко здравје и многу е важно што Генерацијата З е свесна за тоа, вели Даниел Трбогазов, магистер и докторанд по кинезиолошки науки, кој работи како фитнес тренер и инструктор по пливање.
За Генерација З се сметаат родените помеѓу 1995 и 2010 година. Трбогазов работи со млади и возрасни почетници, луѓе со посебни потреби… Неговата основна цел е да ги поттикне младите и возрасните да водат здрав и физички активен живот, а воедно и да даде придонес во збогатувањето на спортската литература на овие простори. Тој се залага планинарењето се имплементира како задолжително во едукативниот процес кај младите во основното образование, во наставната програма за развој.
Македонија е над 70% ридско-планинска земја и има прекрасни услови за развивање на планинарењето како рекреативна и здрава физичка навика, вели Трбогазов во интервју за „Република“.
Со него разговаравме за новите трендови во фитнесот, за вежбањето на отворено, за новата генерација која е „заглавена“ во изгледот, за инстаграм филтрите и желбата да се биде фит и истрајноста и посветеноста во она што го вежбаат.
Пред десет години разговаравме за физичката активност на Македонците, говоревте дека сè повеќе луѓе се грижат за своето физичко, но и ментално здравје, и тоа е за поздравување. Денес може да говориме за новите трендови во фитнесот. Кои од нив денес најмногу се користат и се вежбаат кај нас?
ТРБОГАЗОВ: Изминатата декада беше револуционерна за фитнес заедницата во Македонија. Да, пред десет години го поздравив првиот бран на ентузијазам и промоција на фитнесот, а денес гордо стојам позади прогресивноста што ја имаме. Слободно можеме да кажеме дека низ земјава се појавија стотици фитнес клубови и над 2000 активни тренери. Трендови секогаш ќе има, но во моментов најзастапени се класичниот боди билдинг, функционалниот фитнес и пилатесот.
Каков е вашиот став за високоинтензивните тренинзи, попознати како HIIT, и за функционалните тренинзи? Дали тие се одржливи на подолг период?
ТРБОГАЗОВ: Интервалните тренинзи со висок интензитет (HIIT) си имаат своја примена и бенефити кога станува збор за подобрување на нашите фитнес квалитети. Комбинацијата на аеробните и анаеробните интервали придонесува за побрзи резултати при коригирање на вишокот килограми и воедно за продолжување на животниот век.
Да, секој професионален спортист ќе ви каже дека одмара од високиот интензитет во „off season“ и токму тоа е правиот пристап. Високиот интензитет треба да биде варијабилен и правилно дозиран на подолг рок, доколку сакаме да не влеземе во акутен замор и да се повредиме поради намален фокус и капацитет за работа.
Затоа се препорачува да не се вежба самоиницијативно и да биде под надзор на стручно лице. Моја лична препорака е доколку веќе се одлучите за вакви трендови, посетете редовен преглед во спортска медицина.
Кој тренд во вежбањето во последниве години најмногу се практикува кај нас и има потенцијал да трае?
ТРБОГАЗОВ: Се појавуваат повеќе трендови во кои се интегрираат и современи технологии, но моментално сè уште трае трендот на функционалниот фитнес, затоа што самиот бренд доживува подем на еволуција, каде сè повеќе стручни кадри работат како кондициони тренери под негова капа.

Генерацијата З е онаа која се грижи многу за своето ментално здравје и тоа е во тренд во последната декада. Како фитнесот може да го подобри емоционалното и психолошкото здравје?
ТРБОГАЗОВ: Фокусот на Генерацијата З не е толку на физичкиот изглед, туку на бенефитите од физичката активност за емоционалното и психолошкото здравје. Мило ми е што оваа генерација е свесна за регулацијата на метаболичкото и хормонското здравје како бенефит кој се добива од редовната физичка активност.
Денес тешко може да се замисли еден тренинг без паметен часовник, односно апликација која го следи напредокот при вежбањето. Како гледате на тоа? Може ли да се истера еден тренинг без технологија во џебот?
ТРБОГАЗОВ: Тоа е и тенденцијата – со помош на современата технологија да го осознаеме нашето тело: како функционира и што се случува додека тренираме. Да, од паметниот часовник можеме да научиме многу доколку сакаме, но од друга страна може и да станеме зависни од него и да се ограничиме потпирајќи се на неговата постојана асистенција.

Сè почесто луѓето сакаат да вежбаат на отворено. Кои се предностите на овие тренинзи во споредба со оние што се изведуваат во фитнес центри? Што препорачувате да се работи на отворено?
ТРБОГАЗОВ: Јас лично го негувам и практикувам планинарењето и затоа ги охрабрувам нашите клиенти и сограѓани барем еднаш неделно да планинарат. Македонија е над 70% ридско-планинска земја и има прекрасни услови за развивање на планинарењето како рекреативна и здрава физичка навика. Би бил многу горд доколку планинарењето се имплементира како задолжително во едукативниот процес кај младите од 1-во до 9-то одделение, во наставната програма за развој.
Дали традиционалните тренинг програми (тежински тренинг, кардио) остануваат основа или ги заменуваат новите методи?
ТРБОГАЗОВ: Основата и понатаму продолжува да се негува како таква, затоа што се докажала во текот на годините како доста функционална и лесно применлива. Новите методи само се надоврзуваат на старите и јас лично верувам дека во тоа е убавината. Не треба да се обидеме да го смениме фундаментот, туку да се надоврземе на него со еволуција и усовршување.
Како ги интегрирате новите трендови во вашите тренинзи за да им понудите нешто иновативно, но и ефикасно на вашите клиенти?
ТРБОГАЗОВ: Јас лично редовно правам инфилтрација и интеграција на новости во мојот клуб. Моќта на социјалните медиуми и брзината на пренесување на информации понекогаш ни наметнуваат многу трендови кои не можеме лесно да ги игнорираме, но затоа сме овде ние, стручните лица, за да ги филтрираме и делумно прифатиме – за да не остават трајни негативни последици врз здравјето на рекреативците кои не се доволно информирани.
Дали може да се каже дека новата генерација (пре)многу се грижи за својот изглед или пак навистина сака да биде во добра, врвна, физичка форма? Или е тоа само тренд? Дали тинејџерите доаѓаат да вежбаат, но по некое време се откажуваат?
ТРБОГАЗОВ: Да, новата генерација е заглавена во изгледот. Insta филтерот прави свое, ама реалноста е дека многумина навистина сакаат да бидат фит. Проблемот е брзината – сакаат за два месеци целосна трансформација. И ако не им оди, веднаш се откажуваат. Тука е нашата улога – да им објасниме дека процесот е патување, не shortcut.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Приватна архива